Гламур на американски начин
Објавено на 21 декември 2018 година
Со идеја да го долови гламурот и привлечноста на американските автомобили од пред многу децении, Lincoln подготви специјална серија на Continental. Наречена е Coach Door Edition, со што акцентот е ставен на централниот начин на отворање на вратите. Ова решение кај Continental за прв пат се појави во неговата четврта генерација од 1961 година, кога Lincoln се консолидираше и целата гама ја сведе само на овој модел. Од Continental Anniversary оваа година ќе бидат направени само 80 персонализирани примероци. Внатрешноста е рафинирана со луксузни и технолошки додатоци, а задните седишта се уникатно обработени. Меѓуоскиното растојание е продолжено за 152 mm, а за погон е задолжен трилитарски твин-турбо мотор со 400 коњски сили. Цената не е објавена но сигурно ќе надмине 100 илјади долари, што е повеќе од двојно од стандардниот модел.