Lexus со знакот на Toyota
И покрај неодамнешните активности со кои ја осмислува иднината на мобилноста, Toyota цврсто се задржа во сегашноста
Објавено на 23 јануари 2018 година
Проценувајќи дека после четири години колку што е на пазарот му дошло времето за замена, Toyota ја покажаа новата генерација на големиот седан Avalon. Чудниот за нас дизајн атрактивно е дополнет со добро осмислени детали кои не задираат во неговата конзервативност. Новата платформа донесе поголема должина, која се растегна на точно пет метри. Поголеми се и широчината и меѓуоскиното растојание, со што е добиена натпросечна внатрешност за оваа класа. Исполнета е со сé што купувачите ќе посакаат, за нивниот комфор се грижат и подобрата изолација и активното варијабилно ослонување. На возачот на располагање ќе му бидат четири режими на возење и бројни системи за асистенција обединети во новата генерација на наградуваниот Safety Sense пакет. Палетата мотори се состои од унапредениот 3,5 литарски V6 во комбинација со 8-степена автоматика и хибридизираниот 2,5 литарски агрегат со CVT трансмисија.
Овој модел кој е најголем во гамата на Toyota се произведува во Кентаки и покрај Америка е достапен само на Блискиот Исток и во Јужна Кореја.