Lexus – IS 500 F Sport Performance

Вести

Не е за во Европа!

Автомобил од соништата за паралелен универзум

објавено 25. февруари 2021

Додека европската автомобилска индустрија се обврза на намалување на емисиите на штетни издувни гасови и електрификација, на друго место нив ги има во изобилие. Бидејќи поголемиот дел од понудата е ”зелен“ луксузната јапонска марка Lexus штотуку си дозволи да претстави варијанта на компактниот спортски седан IS кој произведува импресивни 478 коњи од пет литрена зафатнина.

Оваа моќност е достапна на 7.100 вртежи во минута, додека максималниот вртежен момент од 536 Nm се постигнува при 4.800 вртежи во минута. Изгледа како да се враќаме во носталгичното минато кога на возилата кога пишуваше 500, знаевме дека испод хаубата има мотор со пет литри зафатнина! Екстремно моќната машина е чист бензинец, без турбо полнач или хибриден систем. Веројатно ова е причината што тежината на Lexus IS 500 F Sport Performance е 1765 килограми, само 65 килограми повеќе од серискиот IS 350 со шест цилиндерски агрегат. Силата се пренесува на задната оска преку осумстепен автоматски менувач и ограничен Torsen лизгачки диференцијал. Визуелните промени се впечатливи. Крената е предна хауба за да создаде простор за осум цилиндерскиот монструм, алуминиумските тркала од 19 инчи се специјално изработени за IS 500, а издувните гасови го напуштаат возилото преку систем со четири цевки.

Со информациите за новата V8 варијанта, Lexus покажува дека има големо чувство за пазарот. Главниот конкурент Mercedes-Benz штотуку објави дека новата C-Class ќе излезе само со четирицилиндрични единици. Во варијантата AMG, вртливите електрични мотори треба да ги заменат цилиндрите што недостасуваат. Lexus IS 500 F Sport Performance ќе биде лансиран во САД на есен. Европските клиенти веројатно залудно се надеваат дека новиот модел на Lexus ќе се понуди. Поради очекуваната потрошувачка и високите казни за производителите за прекумерна емисија на СО2 во Европа по се изгледа дека IS500 ќе биде насочен само на Америка и Азија.