Lexus ES – редовно освежување

Новитети

Затегнат изглед

Со редизајнот ЕЅ собира здив до следната генерација

објавено 26. април 2021

После три години на пазарот, актуелната седма генерација на Lexus ES помина низ рестилизација. Промените главно се во насока на унапредување на динамиката, естетски малку механички. Така овој пет метри долг седан за новата продажна сезона доби би-ЛЕД предни светла, дотерани маска и браник и други тркала од 17 и 18 инчи. Платформата на која е поставен е нова и не и требаа многу корекции, но сепак подобрени се управливоста, задното ослонување и системот за сопирање. Не е многу чепнато ни во внатрешноста каде покрај луксузот владеат и технологиите, овој пат засилени со изменет дигитален инструмент панел и нов поголем екран на инфо-забавниот систем.

Понудата е збогатена со F-Sport верзијата која се одликува со заден спојлер, потемни детали на екстериерот, 19-инчни тркала и спортски елементи во внатрешноста. Електрониката е збогатена со два режима на возење и адаптивно ослонување кое динамички се прилагодува на вкупно 650 различни поставки. Моторната понуда за Европа остана иста – хибридната комбинација на 2,5 литарски бензинец со електромотор и понатаму испорачува вкупно 218 коњски сили.