Volvo FH Reloaded :: Лесно како детска игра!

Share on facebook
Share on google
Share on twitter
Share on linkedin

Лесно како детска игра!

Ретко кое од децата ќе каже дека кога ќе порасне сака да биде возач на камион – дури и тие знаат дека тој живот е тежок. Сепак со својата нова FH Reloaded серија, Volvo прави возењето голем камион на долги релации да биде лесно како детска игра
Објавено на 10 јуни 2018 година
автор: Зоран Коцев

Пет години по лансирањето, Volvo Trucks ја прошири својата понуда на FH со специјалната едиција наречена Reloaded. Со акцент на клиентите од Централна и Источна Европа, таа е наменета за долголиниски транспорт. Се одликува со решенија кои ја зголемуваат економичноста и до 10%, а подобрен е и комфорот на возачот. Идејата за нејзино настанување и издвојување како посебна серија дојде при планирањето на идните унапредувања на гамата, со анализата на собраните податоци од возењата. Од нив е заклучено дека возачите не ги искористуваат до крај можностите на техниката во поглед на економичноста и дека всушност нивното вообичаено однесување ја зголемува потрошувачката. Затоа и како стартна основа на целата идеја беше да се намали до минимум нивното влијание врз работењето на камионот и контролата на тоа да се препушти на електрониката.

Volvo FH Reloaded

Volvo Trucks во Прага ни ја претстави унапредената верзија на FH наречена Reloaded, која е наменета за компании со голем возен парк

Тоа подразбираше креирање пакет интегрирани технологии кои ќе функционираат во содејство една со друга – главни се адаптивниот темпомат, менувачот и софтверот кој контролира сé. Направена е селекција и на механичките компоненти само на оние кои најмногу можат да придонесат за ефикасно работење. Така, Volvo FH Reloaded може да се добие само со два мотора, два диференцијала и два типа на пневматици. Такви беа и двете потполно натоварени возила кои ни беа на располагање за тест-возењето во Чешка – влекачи во 4×2 конфигурација со 12,8 литарскиот D13K Еуро 6 мотор, едното со 420 а второто со 460 коњски сили кои се остваруваат при 1.400 до 1.800 вртежи во минута. Послабиот мотор има максимален вртежен момент од 2.100 Nm кој е на располагање меѓу 860 и 1.400, а посилниот 2.300 Nm меѓу 900 и 1.400 вртежи во минута. Менувачот секако беше I-Shift AT2612F, а финалните преносни односи 2,31 и 2,47:1. И пневматиците им беа различни – Michelin X-Line од енергетската класа А и GoodYear FuelMax класа Б.

Volvo FH Reloaded

Volvo FH Reloaded На зададената тест-рута камионот со 420-коњски мотор потроши 26,15 литри на 100 километри, а посилниот сé уште одлични 27,54 l/100 km. Притоа просечната брзина што беше постигната изнесуваше нешто над 81 km/h

Возевме до местото Либерец кон тромеѓието со Германија и Полска, по ридест терен. Должината на рутата во двете насоки изнесуваше 170 километри. Контролата во целост беше препуштена на адаптивниот темпомат, кој специјално е прилагоден за крстосувачка брзина од 85 километри на час. Конзистентноста во однесувањето на возилото во сите услови на возење, по познати и непознати рути со различен товар, ја обезбедува I-See системот. Тој користи комерцијално достапни мапи и е во постојана врска со серверите на Volvo од каде ги црпи потребните податоци за својата работа. Ја следи топографијата на теренот и врз основа на неа го бира најефикасниот режим на возење. Во пракса тоа значи дека возачот треба само да тргне и да го вклучи темпоматот – сé понатаму камионот прави сам, така што нему му останува само да го врти управувачот и да внимава на сообраќајот. За намалување на негативните влијание од неговите одлуки моторот не реагира на притискањето на педалата за гас, а мануелната функција за менување на степените на пренос е блокирана. Заради тоа, командите на интелигентната автоматизирана трансмисија сега се со копчиња и се сместени на инструмент таблата.

FH Reloaded е ново решение од Volvo со оптимизирана економичност во долголинискиот транспорт При возењето веднаш се забележува дека брзината на возење не е фиксна – врз основа на конфигурацијата на теренот неа темпоматот ја корегира од +5 до -10 километри на час, но на начин што не го очекувавме. Имено, додека на рамните делници се возевме со поставените 85 километри на час, при возење на благи нагорнини камионот забрзуваше сé до 90 km/h кои ги достигнуваше на врв од нагорнината. Тогаш софтверот го гаси моторот, го префрлува менувачот во празен од и камионот сам, по инерција, се спушта надолу. Ние во еден таков потег поминавме цели 9 километри не трошејќи ни грам гориво. Кога пак ќе наиде на поголема стрмнина, камионот тогаш најголемата брзина ја постигнува пред искачувањето, исто со цел максимално да се искористи инерцијата.

Сето ова теоретски изгледа едноставно и така е и во пракса, но има еден недостаток – возачот мора да знае зошто камионот така работи. Инаку, ќе има за него само лоши зборови – возењето по рамни делници изгледа бавно заради споменатите 85 километри на час, а на нагорнини се добива чувство дека моторот се мачи и бара понизок степен на пренос. Заради тоа негова рефлексна реакција ќе биде забрзување на рамно и забавување на нагорнини, но тоа нема да се случи бидејќи, како што веќе споменавме, моторот не реагира на притискањето на педалата за гас и мануелната функција за менување на степените на пренос е блокирана. Доколку пак возачот верува дека електрониката навистина подобро од него ги познава и камионот и теренот по кој се вози, на крај ќе постигне заштеда на гориво до 3 литри на 100 километри, но и за 3 km/h поголема просечна брзина. Овие бројки кои Volvo ги има добиено при испитувањата веќе се потврдени од првите клиенти кои имаат набавено камиони од Reloaded серијата.Volvo FH Reloaded Секако, најголемите придобивки се постигнуваат кога се вози на релации кои не им се познати на возачите.

Додадена е и дополнителна изолација на кабината која го зголемува комфорот на возачот, како и акумулатори со гел место електролит.

 

 

Volvo FH Reloaded

Пакетот е заокружен со можноста за Blue Service конективност која обезбедува далечинско следење на сите критични компоненти на возилото и информации за перформансите, километражата и потрошувачката. Со тоа се намалуваат на минимум непланираните прекини во возењата заради сервисирање и времето на задржување на камионот во работилница, бидејќи однапред се знае што и кога ќе треба да се направи. Тука е и Dynafleet & Driver coaching софтверот кој му помага на возачот го подобри своето возење.

Сподели

Последни новости

Најнова епизода

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 92.00ден
  • еуросупер 98 - 94.00ден
  • еуродизел Д5 - 86.00ден
  • течен нафтен гас - 51.00ден
  • метан - 108.50ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER