Купувајте гориво, додека можете!
Од утре горивата поскапи
Објавено на 21 јануари 2019 година
Ревносно извршувајќи ги своите задачи, регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија нé извести дека од утре нé очекуваат нови, повисоки цени на горивата. И тоа не за малку – бензините за 2,50 а дизелот за 3,50 денари. Затоа трк на бензинска и купувајте гориво, оти од утре таму за секој литар еуросупер БС-95 ќе ви побараат по 61, за еуросупер БС-98 по 63, а за литар еуродизел Д-Е V по 58,50 денари. Во образложението зошто, од регулаторната наведуваат дека до ова зголемување на рафинериските и малопродажните цени на горивата кај нас во просек за 11,88%, односно за 7,41% дојде заради поскапувањето на суровата нафта на светскиот пазар во изминатиот 14-то дневен период просечно за 14,37%, како и референтните цени на нафтените деривати – на бензинот за 9,51% и на дизелот за 12,02%. На зголемувањето на цените на горивата кај нас влијание имаше и поскапувањето на доларот за 0,0107%.