Rolls-Royce Cullinan :: Крунскиот дијамант заблеска со ново светло

Крунскиот дијамант заблеска со ново светло

Светот престана да се врти – сите запреа со сé што правеа за да го видат новиот Rolls-Royce Cullinan
Објавено на 18 мај 2018 година

Кога Rolls-Royce го претстави Cullinan, сите запреа со сé што правеа за да го видат. Требаше некое време да се соземат и да почнат да зборуваат за она што го гледаат. Многу зборови се слушнаа за неговиот дизајн, но ретки беа позитивните коментари. Барем на јазиците што ги разбираме – можеби арапските и кинеските се поинакви. Но тоа и не е толку битно бидејќи купувачите од тие говорни подрачја првенствено комуницираат со бројки. Најважната официјално не беше кажана, но се слушна дека најлуксузниот SUV во светот чини околу четвртина милион фунти. Првиот примерок веќе е испорачан на некој саудиски шеик кој за него искеширал двојно повеќе. Тој веќе може да ја испроба внатрешноста на новиот крал на луксузот, која во целост ја одразува филозофијата на марката. Во неа има сé и сешто – најмногу кожа и благородно дрво со метални инсерти. Има и масички за коктели кои се отвораат со еден допир, а меѓу единечните задни седишта се наоѓа интегриран ладилник за шампањско и виски.

Rolls-Royce Cullinan Овој модел е поставен на новата алуминиумска платформа на која се темели и Phantom. Во гломазниот преден дел е сместен познатиот 6,75 литарски V12 твин-турбо мотор со 570 коњски сили. Тие се пренесуваат преку 8-степен автоматик на сите четири тркала со големина од 22 инчи. Стерео-камерата интегрирана во предното стакло го следи теренот и го прилагодува воздушното ослонување за максимален комфор. Кога возилото стои, автоматски се спушта за 4 сантиметри за полесно влегување и излегување. Cullinan е опремен и со систем за управување што делува и на задната оска, која е оддалечена од предната за 3,3 метри. Вкупната должина му изнесува 5,35 метри, а импресионира и широчината од дури 2 метри и 16 сантиметри. И покрај ваквите габарити, Cullinan е тежок изненадувачки ниски 2.660 килограми. Во багажникот од 600 литри се сместени две седишта на извлекување, кои ќе бидат од корист при излети во природата. Доколку некого интересира, просечната потрошувачка е декларирана на 15 литри на 100 километри.

Опишувајќи го Cullinan, првиот човек на Rolls-Royce Торстен Милер Етвес се наврати и на неговото име. Тоа е позајмено од најголемиот дијамант во историјата на човештвото. Пред да биде исечен, имал 3.100 карати и проценета вредност од околу 400 милиони долари. Најголемите две парчиња добиени од него се наоѓаат во британската кралска круна. Повеќе од тоа не ни мораше да каже.

Rolls-Royce Cullinan

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER