Крал на непостоечкото кралство
Човековата екстравагантност нема граници
Објавено на 17 април 2018 година
Кога и да помислиме дека сме го виделе најекстремното, ќе се појави нешто што ќе го надмине. Но во случајот во Karlmann King тоа ќе биде навистина тешко бидејќи досега ништо слично не е понудено. Се работи за проект потпишан од непознатата кинеска компанија IAT зад која стои голем капитал и белосветска памет. Идејата е едноставна – со претерување да се постигне она што изгледа невозможно. Од таму тврдат дека нивниот теренец е развиен со учество на 1.800 луѓе од Европа. За изгледот непотребно е да се трошат зборови. Ако мораме, ќе кажеме дека замислата им била да направат возило со каросерија од јагленородни влакна и изглед како од филм со Бетмен. Внатрешноста во која ќе има меѓу 4 и 7 седишта е овоземна, со сиот скапоцен луксуз што може да се замисли. Ќе ги споменеме само ладилникот за шампањско, PlayStation 4 играчката конзола, сателитскиот телефон и покривот со амбиентално осветлување. Со негова помош ентериерот ноќе изгледа како галактички брод. Дење пак готово секоја површина опточена со злато блешти посилно од сонцето.
За разлика, механиката не е ни малку рафинирана. Основата му е камионска, од американскиот Ford F-550. Од него е и 6,8 литарскиот V10 мотор со 400 коњски сили. Но тие едвај се доволни за максимални 140 километри на час, бидејќи оваа грдосија е тешка меѓу 4,5 и 6 тони. Должината ѝ изнесува шест, ширината и височината по два ипол метри а во резервоарот собира 152 литри бензин. Во согласност со сé друго е и цената која се движи од 2,2 милиони долари за обичната до 3,8 милиони за блиндираната изведба. Ќе бидат произведени само 9 примероци, кои своите купувачи ќе ги бараат на Блискиот Исток. Можеби и затоа производителот наведува дека Karlmann King може да функционира на температури од -40 до +90 степени целзиусови.