Македонската подружница на Kostal доби значајно признание за квалитетот на своите производи
Светски познатиот производител на електронски компоненти за автомобилската индустрија ја отвори својата фабрика во Охрид пред осум години. За тој период, наспроти сите предизвици што се случија во браншата, успеа да го одржи производството и високиот квалитет на своите производи што се вградуваат во премиум марките и нивните модели.
На скромна, но значајна церемонија во фабриката во Охрид напорите на сите вработени и менаџментот добија признание за високиот квалитет на нивните производи од реномираниот Jaguar Land Rover. Комак, дел од групацијата Kostal, наспроти сите глобални логистички проблеми што ја тресат автомобилската индустрија во последните години, успеа, не само да го одржи своето производство, навремено да ги снабдува производителите, туку и квалитетот на компонентите што ги испорачува да достигне највисоко ниво.
Покрај BMW, VW, Rolls Royce, Tesla во своите возила производите на Комак ги користи Jaguar Land Rover. Во досегашната соработка за остварување на ултимативните својства на британската марка придонесуваат компонентите изработени во Охрид. По тој повод „кралските теренци“ допатуваа кај нас да ја изразат својата благодарност и признание за надминување на сите предизвици. Досега, во премиум теренците на Land Rover и Range Rover, вградени се три милиони делови произведени во Охрид.
За тоа посведочи господинот Марк Ричардсон, одговорен менаџер за квалитет на компонентите добиени од снабдувачите на JLR. Во неговото излагање тој наведе дека менаџерскиот тим и вработените на македонската подружница на Kostal успеаа да ги одржат виските стандарди како IATF 16949, ISO 14001, MMOG и, се разбира, стандардите наметнати од марката. „Признанието што денеска го доделуваме на Комак, е оправдано со фактот што секогаш бараните компоненти ги добивавме на време и со бараниот квалитет.
Довербата на нашата компанија е многу тешко да се добие, но е многу лесно да се изгуби. Нашето признание за квалитет се базира врз резултатите што ги остваривте во нашата соработка и довербата која ја заслуживте со вашата напорна работа“ додаде г. Ричардсон. Вработените во Комак не го криеа задоволството за својот учинок.
Тие беа горди што нивниот труд придонесува не само за квалитетот на возилата за кои изработуваат делови, туку и за она што го прават за нашата држава, ставајќи ја високо на скалилото во светски рамки. Првиот човек на Комак и потпретседател за односи со владини институции на Kostal на глобално ниво, г. Виктор Мизо во своето кусо, но емотивно излагање не ја криеше гордоста што македонската подружница на гигантот за испорака на компоненти го доби ова значајно признание.
„Се заблагодарувам на JLR за довербата на која ни ја пружи. Уште повеќе се заблагодарувам на сите вработени во Комак кои со својата работа и посветеност допринесоа да го постигнеме и одржиме нивото кое секојдневно го надградуваме. Соработката со JLR започна во 2021 година и во овој период ние испорачавме три милиони делови кон британската марка. Оваа награда значи дека ние сме добавувачи со одлични перформанси и не обврзува уште посилно да ја зголемуваме извонредноста на нашите производи.
Признание доделено од JLR е мотив повеќе да продолжиме со нашата напорна работа, да го прошируваме асортиманот со кого ќе парираме на новите барања од нашите клиенти и да го задржиме високиот квалитет што го испорачуваме“. Комак има повеќе од 1.000 вработени кои редовно се обучуваат за зголемување на своите работни вештини.
Во перспектива, поради зголемување на обемот на работа и воведување на нови производствени програми за возилата што се градат на „новата енергетска платформа“, се предвидуваат воведување на нови технологии, креирање нови работни места кои ќе ги мобилизираат младите не само од Охрид туку и од поблиските градови. Ова е најдобар пример како се сака својата држава.