Ниту еден настан во Европа не може да помине без кинеските производители
На IAA во Минхен имаше десетина марки од Кина но мора да кажеме дека иако имаа новитети, настапот им беше некако воздржан. Можеби не сакаа да привлекуваат премногу внимание за да не добијат уште некој процент царини, а можеби пак сметаат дека на купувачите треба да им се даде време и простор сами да се уверат во предностите на моделите што ги нудат, без да сервираат многу информации за нив.
Најпродорниот кинески играч BYD настапи со семејниот караван Seal 6 DM-I Touring кој доаѓа со две плаг-ин погонски групи, со 260 и 314 коњски сили со батерии со различен капацитет кои му обезбедуваат електрична автономија од 60 односно 90 километри. Со својата практичност и цената која се проценува дека ќе биде под 40 илјади евра сигурно ќе го сврте вниманието на европската публика која традиционално е наклонета на возилата со ваков каросериски облик.
Покрај гамата на Avatr, Changan во Минхен ја покажа понудата и на марката Deepal од која премиерно во Европа компактниот кросовер Deepal S05 за кој се надеваат дека ќе биде доста популарен меѓу купувачите. Надеж за тоа им даваат цените кои исто стартуваат под 40 илјади евра и понудата составена од две верзии, со 268 коњски сили и посилната со два електромотора со вкупно 429 коњи. Автономијата се движи меѓу 445 и 485 километри.
Од оние кои обезбедија место под рефлекторите на минхенското сајмиште или пак градските уличните светилки ќе ги споменеме уште Chery, GAC, Hongqi, XPeng, групата Seres со марката Aito, Dongfeng ја покажа гамата на Forthing a Geely новиот адут Polestar 5.






