Kia Seltos ♬ Што да се каже?!

Што да се каже?!

Kia Seltos е глобален кросовер кој ќе се појави на пазарот до крајот на годинава

Објавено на 21 јуни 2019 година

Иако слободно можеме да кажеме дека веќе навикнавме на вакви изненадувања од Kia, ова сепак е нешто специјално. Не е само името Seltos невообичаено, туку и целиот модел со својот интересен дизајн во кој се комбинирани младешкиот стил со едноставноста на линиите. Навистина нешто што не би го очекувале, посебно не во моментите кога премиерата на новата Kia XCeed е пред прагот. Но како и да е, Seltos е компактен кросовер кој своите глобални амбиции ќе започне да ги остварува набргу. Долго време беше најавуван, заради што мислиме дека нема така лесно да го заобиколи и европскиот пазар, иако ќе се судри со дел од постоечките и идните модели на Kia. За прв пат го видовме во облик на SP концептот во февруари лани, за потоа поблиску да го запознаеме преку верзијата со ознака Signature Concept која ни потврди дека е на пат кон сериското производство. Тоа пак за почеток е замислено да се одвива во Индија, од каде наводно ни стигнуваат и овие фотографии.

Иако Kia сериозно смета на потенцијалниот пазар таму, Seltos е верен на амбициите кои посегаат пошироко. Впечатливата и сложена маска заедно со предните ЛЕД светла му даваат изглед со кој сигурно ќе се разликува од масата останати вакви модели на улиците. Атрактивноста ќе ја дополнат и големите тркала, како и модерните зафати кои ја насочуваат силуетата кон европски софистицираниот изглед. Иако сликите од внатрешноста допрва треба да бидат публикувани, знаеме дека внатре во кабината ќе има 10,25-инчен екран чувствителен на допир и 8-инчен head-up дисплеј. Исто како и за Bose аудио системот со осум звучници. Од познатите работи, зависно од пазарот, Kia Seltos ќе биде понуден со 1,6 литарски T-GDi турбо мотор со 177 коњски сили и со 2-литарски бензински мотор со послаби 149 KS. Тука е и турбодизелскиот 1,6 литарски мотор со 136 KS, сите спарени со три автоматски менувачи во зависност од регионот. Иако нема збор за погон на сите четири тркала, Kia вели дека Seltos ќе доаѓа со Drive Mode Select систем за избор на начин на возење кој треба да го замени. Дополнително, постои и нешто што се нарекува Sound Mood Lighting систем со шест теми и осум бои. Облогите на вратите се осветлени на површина со 3-Д шема, а светлосните импулси се синхронизирани со ритамот на музиката.

Kia на јавноста ќе го претстави Seltos во втората половина оваа година, кога и ќе започне со производство во Јужна Кореја и Индија. Европа, во никаков посебен контекст посебно не се споменува иако не е исклучена.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER