KIA – Ceed

насловна Новитети

Јамб во најава

Адутот во компактната класа е дотеран за следните предизвици

објавено 16. јули 2021

Покрај вообичаеното ретуширање на предниот и задниот дел, особено е ажуриран ентериерот и е проширен списокот на системи за асистенција и инфо-забавни функции. Ревидираните варијанти на моделот го носат и новото лого на Kia и ќе бидат пуштени во продажба на почетокот на четвртиот квартал. Ова не се однесува на кросоверската верзија Х- Ceed.

Што сè е направено овој редизајн да биде успешен покажува долгиот список на преработени ставки како и различните микро решенија. Така решетката на Ceed е преобликувана. Претходната рамка од хром е заменета со два впечатливи хромирани елементи на горниот и долниот дел. Ceed Sportswagon Plug-in Hybrid и спортските верзии GT Line и GT имаат различно дизајнирани странични влезови за воздух до лаковите на тркалата.

Ревидираните модели се достапни со нови целосни LED фарови, во зависност од опремата, и трепкачи. Иновациите во ентериерот вклучуваат црни велурни навлаки со шевови во контрастна боја, кои се нудат за верзиите GT и GT Line. Сега на седиштата се достапни вкупно осум различни тапацири, во зависност од варијантата на моделот и дизајнот, од кои четири се додадени со освежувањето.

Во спортските верзии, копчето за менувачот е исто така редизајнирано, а рачката на менувачот кај автоматските модели сега е покриена со перфорирана кожа и опкружена со сјајна црна пластика. Со комплетно дигитален инструмент кластер со екран од 31,2 цм за поскапите верзии, можете да се изберат четири различни графички прикази, вклучително и една во која дисплејот е прилагоден на соодветните временски услови и време од денот. Функционалноста на Bluetooth-от е проширена и со препознавање на глас, така што температурата на внатрешноста може, на пример, да се контролира со говорна команда.

Кај моделите со автоматски менувач збогатен е системот за асистенција на возачот кој е поврзан и со навигацискиот систем. Ова му овозможува на системот да ја прилагоди брзината на движење пред свиоците и да ги земе во предвид ограничувањата на брзината додека асистентот за сообраќаен метеж сега е достапен и за верзии со рачен менувач. Тука е вклучено предупредувањето за пешаци и велосипедисти како и сигнализирањето за отворање на вратите кога во близина се наоѓа велосипедист. Рано е да се каже како освежувањето ќе се одрази на цените. Кај нас освежениот Ceed треба да се промовира во првиот квартал на 2022 година.