Jeep Grand Cherokee 2022 (со видео)

насловна Новитети

Големиот поглавар во ново издание

Новиот Jeep Grand Cherokee, сега со пет седишта и како плаг-ин хибрид

објавено на 30 септември 2021

Jeep го прошири семејството на Grand Cherokee и со неговата верзија со пократко меѓуоскино растојание. Номинално ова е петта генерација на луксузниот теренец, која формално беше претставена во јануари со верзијата со седум седишта со ознака L. Од неа се разликува по помалата должина за 29 сантиметри, додека дизајнот е непроменет. Во однос на досегашниот модел новиот Grand Cherokee сепак има поголем внатрешен простор и попростран багажник, детерминирани со поголемите габарити. Како што доликува на еден современ модел ентериерот е исполнет со мноштво нови технологии. Така покрај дигиталната инструмент табла и централниот дисплеј дури и совозачот може да има свој екран, а на патниците назад на располагање им е посебен инфо-забавен систем на кој може да гледаат видеа преку интернет. Стандардната безбедносна електроника е во согласност со класата на која припаѓа и вклучува и такви нешта како што е камерата за ноќно возење.

Како и секогаш, најсилната страна на Grand Cherokee се погонските склопови. Основната варијанта е опремена со 3,6 литарски V6 со 293 коњски сили и може да влече приколка од солидни 2,8 тони. Оние кои сакаат повеќе ќе се одлучат за 5,7 литарскиот V8 од 357 коњи, а еколошки ориентираните за плаг-ин хибридна изведба која ќе пристигне малку подоцна. Нејзиниот дволитарски четирицилиндричен агрегат со електрична асистенција испорачува комбинирани 375 коњски сили, а батеријата од 17 киловат-часа е способна да обезбеди поминување 40 километри само на струја. Grand Cherokee стандардно доаѓа со погон само на задните тркала, но во зависност од моторот и верзијата на располагање е со три различни 4×4 системи. Најмоќниот од нив вклучува и воздушно ослонување кое ќе ја крене каросеријата на 29 сантиметри над теренот по кој се вози.

Испораките на новото издание на големиот поглавар ќе започнат пред крајот на годинава, по цени кои ќе бидат нешто пониски од неговата продолжена верзија.