Извини Европо…
Сакајќи да покаже дека се опоравува од дизелгејт аферата, Volkswagen за Детроит подготви освежување на суштинскиот дел од својата понуда
Објавено на 16 јануари 2018 година
Jetta како модел не е многу популарен надвор од американскиот континент, но таму зафаќа добар дел од пазарниот колач. Затоа и Volkswagen вложи доста труд во нејзината нова генерација која ја најавија како супер модерен автомобил со емотивен дизајн. Дали публиката ќе се сложи со тоа зависи од повеќе фактори, меѓу кои најзначаен е вкусот на Американците за кој не треба да се дискутира. Од наш аспект новата Jetta ја следи дизајнерската еволуција на модерната гама на Volkswagen, со благ акцент на одредени стилски елементи на купе. Како и сé друго од групацијата поставена е на MQB платформата, која ѝ подари благо зголемени димензии. Подобрена е и пространоста на кабината, која за разлика од порано сега е доста помодерна. За тоа придонесуваат дигиталната инструмент табла, поквалитетните материјали, амбиенталното осветлување и друго. Сериската безбедносна опрема е збогатена и покрај тоа што новата Jetta ќе биде нешто поевтина од претходната. Продажбата ќе започне во вториот квартал годинава со познатата гама мотори, дополнета со 1,4 литарски турбо мотор со 8-степена автоматика.
Без објаснување зошто, Volkswagen објави дека новата Jetta нема да се продава во Европа.