Изненадување без преседан
Погон на задните тркала, забрзување до 100 km/h за 3,2 секунди, максимални преку 270 km/h…
Објавено на 6 март 2018 година
Очекувавме дека Seat ќе нé изненади претставувајќи го новиот спортски бренд Cupra, но не до волку. Шпанците едноставно се надминаа себе си дозволувајќи адреналинот да блика како во корида. А среде неа се најде Cupra e-Racer, кој можеби звучи како комарец но е вистински тркач од 21-от век. Тој е прв во светот потполно електричен туринг автомобил и треба да послужи како основа за новиот E-TCR концепт на натпревари. Револуционерно замислен и ентузијастички изведен, електричниот тркач од Марторел може да се пофали со максимални 270 километри на час и забрзување до 100 за 3,2 секунди. Тоа му го овозможуваат четирите електромотори кои генерираат континуирани 408 и максимални 680 коњски сили. Батериите од 65 киловат-часа се сместени назад, што услови автомобилот да има погон на задните тркала. Нивната тежина од 450 килограми поволно делува на ваквата конструкција, овозможувајќи перформанси кои допрва треба да се истражат. Измените во подвозјето и аеродинамиката се во прилог на тоа, а резултатите од овој проект треба да бидат уште едно изненадување.
За проектирање, изработка и склопување на e-Racer се потрошени преку 20.000 работни часа. Понатамошното темпо на развој налага до летото да бидат направени првите прототипи за тестирање во реални услови, а до крајот на годината и финалните возила подготвени за трки.