Саемскиот центар во Барселона беше местото од каде IVECO ја најави својата светла иднина. Покрај обновувањето на целата гама возила што ги произведува, најави дополнителни услуги кои ќе воведат ново поглавие во светот на транспортот
Храбро, смело, со јасен поглед во иднината. Така најкусо може да се коментира новата филозофија со која IVECO ги најави новините во работењето што стартуваат веќе од идната година. Бидејќи се работи за темелен пристап што ја дефинира иднината на компанијата беа поканети дилери, соработници и новинари од целиот свет. Што имаше IVECO толку многу важно да соопшти? Под мотото „BE THE CHANGE“ се одржа гламурозниот настан. „БИДИ ПРОМЕНА“ не се само празни зборови, туку е покана за сите поврзани со компанијата да учествуваат во она што раководството го има осмислено. Тоа се темелни промени не само за IVECO, туку за транспортот и совладување на предизвиците на оваа индустријска гранка што следат во иднината. Прв пат во својата историја IVECO прави вакви тектонски промени.
Пред да ја претстави комплетно обновената палета, IVECO го презентира новото лого на компанијата, лого кое гордо ќе стои на маските на сите нејзини производи и е симбол на промените што се воведуваат. Сега името на компанијата е испишано во црна боја која ја симболизира стабилноста, динамиката и иновативноста на брендот. За да ги означи своите нови, еколошки технологии и пристапи, централниот елемент на буквата Е зрачи сино. Со оваа боја светот на тркала ја означува електро мобилноста, а таа, покрај електричниот погон, кај IVECO го означува крстопатот помеѓу 48 годишното наследство и новата енергетска иднина на брендот. На неа се работи интензивно во последните години во кои се посветени многу енергија и ресурси. Дека тоа не се само празни зборови покажуваат делата. Покрај новото лого на компанијата, на бината беа прикажани сите производи, а секој модел е поединечно обновен и засилен со еколошки атрибути, без оглед дали се зборува за возила погонети од дизел мотори, модерниот електричен погон и агрегати способни да работат на метан подготвени да функционираат и на водород.
Во овој потфат IVECO вложи милијарда евра со цел да биде способен да обезбеди на своите клиенти одржливи, профитабилни и еколошки решенија за секој бизнис. Во развојот на својата нова современа гама стратегијата е фокусирана на четири столба: деловна ефикасност, удобност на возачот, одржливост и поврзување. Така IVECO станува уште повеќе поврзан со бизнисите на своите клиенти, градејќи комплетен екосистем околу секое возило што го произведува. Тоа компанијата ја прави доверлив партнер кој им овозможува на корисниците да се справат со промените и успешно да ги надминат новите предизвици.
Сега IVECO нуди грижа и мониторинг во текот на целиот животен циклус на возилото. Од бината во Барселона Лука Сра, претседател на деловната единица за камиони во Групацијата IVECO, рече: „Со лансирањето на целосниот асортиман на модели за 2024 година, ја демонстрираме нашата решеност смело да продолжиме напред и да се бориме за нашите клиенти, поддржувајќи го нивниот успех со екосистем за мобилност од 360 степени, избирајќи ја технологијата што најдобро одговара на нивните потреби во сите сегменти и со најбогатата понуда на услуги. Во 2019 година го започнавме нашето ново патување. Тоа беше еволуција на IVECO, фокусирајќи се на клиентите и прилагодувајќи ја нашата сеопфатна понуда на нивните потреби. Работевме напорно и брзо, охрабрени од довербата што ни ја дадоа нашите клиенти и денес отвораме ново поглавје во нашата историја.“
Подобрувањата започнуваат од погонот, со воведување на сосема нов најсовремен мотор во тешкиот сегмент кој сега нуди и електричен погон а се прошируваат на ергономијата, со воведување карактеристики фокусирани на возачот кои вклучуваат природно поврзување на човекот со машината и подобрена интегрирана технологија за побезбедно возење.Во првите редови на промената е знаменосецот S-Way. Тој, како и моделите X-Way и T-Way, доаѓаат со ново развиениот Cursor XC13 мотор. Неговата 13 литарска зафатнина во линискиот шестцилиндричен мотор нуди повеќе опции.
Во онаа што користи дизел гориво развива, во зависност на изведбата, од 460 до 580 КС. На тоа се дополнува зголемувањето на вртежниот момент за 12% кој сега достига до 2.800 Nm. Во исто време, потрошувачката на гориво е намалена за 8%, а моќноста на моторната сопирачка е зголемена 29% до 300%. Сето ова се должи и на 12-брзинскиот автоматизиран менувач Traxon 12 од втората генерација. Кај верзијата што користи метан подобрувањата се уште поистакнати. Сега најсилната верзија на моторот достигнува 500 КС и 2.200 Nm. Со формирањето на производствениот центар во Улм (Германија) на сцената дојде првиот тежок електричен камион на IVECO.
Тој ќе се комерцијализира во првиот квартал на следната година под ознаката S-eWay. IVECO тврди дека неговиот електро-мотор од 480 kW ќе моќе да влече товар од 22 тона цели 500 километри благодарение на батериите со вкупен капацитет од 738 kWh. Погодноста за транспортерите е што на полнач од 350 kW ќе треба само 20 минути да се освежи батеријата за следните 100 км, а за полнење на 20-80% помалку од 90 минути. Внатрешноста на тешките S-Way, X-Way и T-Way е целосно обновена и целосно дигитална. Нова е контролната табла, инструмент таблата, нов екран на допир на централната конзола, нови седишта и панели на вратите, многу нови предмети за складирање…
Палетата сега нуди камери за заден поглед наместо ретровизори, но разочарувачки е за љубителите на електричните погони, што се задржани ретровизорите. Тука електричниот S-eWay е во индиспонирана позиција во однос на своите браќа со мотори на согорување. Асистентот за поддршка на возачот сега го покрива нивото на автономија 2, а големата палета на иновативни технологии обезбедува безбедно и без стрес возење. Принципот дека технологијата мора да се прилагоди на мисијата, IVECO воведе целосно нови остварувања во електричните верзии на својата лесна и тешка гама на возила, додека продолжува да ги подобрува моторите со внатрешно согорување, вклучувајќи ги и оние што работат на метан. Иновациите продолжуваат со камионите од средната серија.
Новиот Eurocargo добива нови CNG мотори и станува единственото возило во сегментот од 12 до 19 тона со мотори на природен гас за целата гама. За него ZF изработи нов осум степен автоматски менувач кој ја подобрува удобноста при возењето како и ефикасноста на горивото до 5%. Таблата со инструменти сега е дигитална и со повеќе опции за прилагодување на сопствените преференции на возачот. Нови и напредни се системите за помош на возачот (ADAS), кои вклучуваат заштита за ранливите учесници во сообраќајот, зголемувајќи ја безбедноста на патот.
Daily е еден од најпродаваните модели на IVECO. Новата генерација доаѓа со нова контролна табла дизајнирана со фокус на возачот. Нов е интерфејсот човек-машина (HMI), со 10,25-инчен дигитален екран. Подобрувањата фокусирани на мисијата на секојдневно користење како што е Keyless Entry & Go, дизајнирани за урбана дистрибуција. Новите карактеристики за поврзување насочени кон клиентите, како што се далечинските управувачи и поставките на профилот, им нудат на возачите и сопствениците на возниот парк зголемена ефикасност и практично дневно искуство. Новите напредни системи за помош на возачот (ADAS), ги надминуваат регулаторните барања и нудат заштита за ранливите учесници во сообраќајот и автономно возење на ниво 2.
Daily е единствениот лесен камион со каросерија на шасија што ги исполнува новите барања за GSR во категоријата до 3,5 тони. Имено, во некои изведби на задната оска може да има единечни наместо двојни тркала, а носивост до 4,2 тона. Тоа овозможува возилото да го управува возач со дозвола од „Б“ категорија. Згора на тоа понудени се повеќе опции на моторизација. Од дизел мотори, преку оние што користат метан па сé до електрична верзија. Интересно е што кај електричната верзија се нуди можност од една до вкупно четири батерии.
Таквиот пристап овозможува лесно модулирање кон дневните потреби на клиентите. Секоја батерија има капацитет од 37 kWh, а во серија од четири се добиваат 148 kWh. Овие комбинации овозможуваат автономија од 120 до 300 километри со едно полнење, во зависност од изведбата со дозволена максимална маса до 7,2 тони. Освежувањето за домет од 100 км на брз полнач трае 20 минути додека на полнач од 22 kWh една батерија се полни за 90 минути. Тука некаде завршуваат техничките новитети во портфолиот на IVECO, но иновативноста во работењето продолжува. Со цел да го олесни користењето на гамата, IVECO нуди развиен екосистем на решенија преку услуги, дизајнирани да ги поддржат клиентите во управувањето со возниот парк, да ги намалат вкупните трошоци на сопственост и да обезбедат профитабилност на нивниот бизнис.
Целокупната понуда вклучува и услуги развиени за олеснување на работата на возачите на пат, нивната удобност и безбедност. Воедно, IVECO ја поддржува транзицијата на своите клиенти кон мобилност со нулта емисија со услугите eMobility дизајнирани да ја олеснат транзицијата кон електрични возила преку зголемување на перформансите на електричните возила, намалување на вкупните трошоци за сопственост и проширување на нивниот опсег и енергетска ефикасност. Една од тие услуги е наречена GATE (Green & Advanced Transport Ecosystem) што претставува иновативен сеопфатен бизнис модел кој нуди долгорочно изнајмување на „зелени“ возила за работа и им дава сигурност на клиентите кои сакаат да имаат пристап до електричната мобилност. IVECO CAPITAL исто така им нуди на клиентите комплетно финансиско решение за електрични возила, како и за целата палета на марката, вклучувајќи финансирање, лизинг и осигурителни услуги за сите пазари.
Дека IVECO е компанија со „отворен ум“ покажува и најновата соработка со светски познатата хеви метал група Metallica. Својата електрификација ја потврдува со поддршката на европската турнеја „М72“ на светски познатата рок група која ќе се одржи во летните месеци на 2024 година. IVECO ќе обезбеди електрични камиони и комбиња кои ќе ја пренсуваат масивната опрема на оваа рок атракција низ Стариот континент. Со возилата со ниска и нулта емисија на штетни гасови, IVECO & Metallica ќе допринесат да се намали јаглеродниот отисок во атмосферата, а се заснова на заеднички вредности на еколошка одржливост и општествена одговорност.