Интересна средба јавноста ќе има во Минхен со новата генерација електрични возила на Volkswagen.
Со новата политика за именување на моделите, му благодариме на Севишниот, од Волфсбург ќе ни доаѓаат автомобили кои наместо броеви повторно ќе имаат вистински имиња.
Тоа се однесува и на семејството ID. Концепт автомобилот ID 2 All ќе стане ID Polo, што ќе ја подгрее возбудата при средбата со јавноста.
Polo е историско име длабоко врежано во колективната меморија на купувачите и воедно, Polo ќе биде првиот целосно електричен субкомпактен автомобил на брендот по прекинувањето на производството на e-Up.
Комерцијалната премиера е закажана за следната година. Како налагаат сегашните услови на пазарот, паралелно ќе биде прикажана и GTI изведбата.
Покрај камуфлираните експонати на ID Polo и ID Polo GTI, се надеваме, дека во понеделник, новинарскиот ден на IAA Mobility, на штандот на VW ќе се откријат повеќе технички детали и внатрешноста на возилата.
Volkswagen, исто така, ќе го претстави ID Cross Concept што ќе понуди прв поглед на електричниот еквивалент на T-Cross, чие лансирање е планирано кон крајот на 2026 година.



