Смела визија на мал електричен кросовер
Со нов минималистички дизајн и иновативни елементи кои ги истакнуваат практичните решенија, новиот мал електричен кросовер на Škoda ќе настапува како идеален сопатник за секојдневна употреба. Претставува важен чекор во стратегијата за електрификацијата на гамата на чешката марка, истовремено одржувајќи ја верноста за нудење привлечни, иновативни и пристапни возила.
Како субкомпактен градски кросовер Epiq има должина од 4,1 метри но и импресивен багажник од 475 литри. Механиката му овозможува автономија од 425 километри, а според цената се очекува да биде конкурентен на Kamiq. Тој е прв модел на Škoda кој во потполност го усвојува новиот дизајнерски правец Modern Solid, применет и однадвор и одвнатре. Оваа филозофија ги комбинира робусноста, функционалноста и автентичноста, што јасно се огледува во неговиот изглед. Дневните светла се во облик на буквата Т, а главните пониско поставени се нагласени со малку помасивниот преден браник. Линиите визуелно ги одвојуваат деловите на каросеријата, давајќи му на возилото динамична и моќна појава.
Epiq ќе се произведува во фабриката на Volkswagen во Шпанија како дел на заедничкиот развоен и производствен проект на групата. Премиерата на серискиот модел се очекува на средината на идната година.