Значително променет, со свеж дизајн и нови технологии
Бестселерот на Renault доаѓа во својата шеста генерација, со поаглест изглед и суперекономични погонски групи. Потполно изменет, Clio сега пред сé е енергичен и делува некако гордо со новиот препознатлив стил кој го одразува модерниот пристап на марката. Само еден поглед е доволен да се сфати дека е вложена значајна количина работа за преобликување на пропорциите со подолгата хауба, продолженото меѓуоскино растојание, динамичната линија на покривот и сензуалната силуета кои му даваат моќен изглед. Карактеристично е и што задните светла се поделени.
Новиот Clio располага и со во секој поглед унапредени погонски групи. Сосема новиот хибриден 1,8 литарски E-Tech мотор од 160 KS има комбинирана потрошувачка од само 3,9 литри на 100 km и рекордно ниски 89 g/km јагленород диоксид. Или, поинаку кажано, овозможува заштеда на гориво до 40% во споредба со конвенционален бензинец бидејќи го користи електромоторот до 80% време во градско возење. Стартот во понудата го чини 1,2 литарскиот трицилиндричен турбо агрегат со 115 KS додека за еколошкиот карактер придонесува и Eco-G моторот со 120 KS кој работи на автоплин.
Во внатрешноста посебен фокус е ставен на квалитетот и користењето рециклирани материјали. Затоа и во зависност од опремата инструмент таблата е покриена со ткаенина. Има двоен екран со OpenR Link мултимедиски систем со интегрирани услуги на Google. За помош на возачот се грижат 29 современи електронски асистенти а амбиентално осветлување е со 48 бои. Багажникот нуди 391 литри простор што е значително повеќе од претходникот.
Новиот Clio на нашиот пазар се очекува напролет, со цена која не би требало многу да биде поголема од сегашната генерација. Како и досега, ќе се произведува во турската фабрика на Renault.


























