И Ford ќе го прескокне салонот на автомобилите во Женева
Детроит и Париз ја „заразија” и Женева – После Volvo, Ford е вториот голем производител кој ќе го прескокне овој салон
Објавено на 2 јули 2018 година
Доаѓаат лоши времиња за салоните на автомобили – непријатни вести пристигнаа и од Женева, каде идната година освен Volvo нема да го видиме ниту Ford. Според потврдените информации од европската филијала на овој производител, марката во тој период нема што значајно да прикаже така што не може да се оправдаат високите трошоци за настапување. Наместо тоа, Ford ќе си организира сопствени настани на кои ќе ги презентира идните новитети. Конкретно, идната пролет ќе биде покажан засега неспецифициран нов модел (најверојатно хибрид) и ќе бидат откриени нови детали за стратегијата за електрифицирање на гамата. Нема потврда ни каде ќе се одржи тој настан, но се очекува да биде во некоја земја во која електричните возила се популарни.
Од истата причина, Ford ќе го прескокне и есенскиот салон во Париз. Во меѓувреме, новиот Focus ќе биде прикажан на Гудвуд фестивалот на брзината идниот викенд, заедно со новата Fiesta ST.