Корејскиот гигант продолжува со развојот на своите електрични возила. На патеката Нирбургринг се појави несекојдневно возило кое ќе служи како лабораторија на тркала за иднината на своите електрични возила. Иако Hyundai овој експерименталниот RN24 вели дека е наменет за развој на електричните модели со високи перформанси од серијата N, сигурно дека добиените сознанија ќе ги примени и во останатите модели.
Технолошкиот носач RN24 ја комбинира моќната електроника на Ioniq 5 N од 650 КС поставена на шасија инспирирана од релито и користи софтвер од следната генерација. Редизајнираниот пакет батерии го задржува капацитетот на серискиот модел од 84 kWh, но овозможува пократко меѓуоскино растојание и димензии на возилото за 34 сантиметри покуси што е споредливо со Hyundai i20 N Rally1 Hybrid со кого настапува во Светскиот рели шампионат.
Слично на рели возилото, RN24 има и „WRC Powertrain Drive Control Logic System“ за прилагодување на моќноста и чувствителноста на регенеративното сопирање при забрзување со помош на копчињата на воланот. Електронската контрола на вртежниот момент работи во „рели режим“. Возилото има надворешен звучен систем со два странични звучници кои емитуваат вештачки звук на моторот.
Задниот браник служи како резонантно тело за подобрување на звучното искуство. Повеќе детали не се објавени, но повеќе од јасно е дека на испит се става батерискиот склоп кој има помали габарити и поголема густина за складиштење на енергијата, регенеративниот систем и софтверот, остварувања кои треба да бидат апликативни во помалите по димензии модели на Hyundai.


