Само името остана
Да се одржуваше салонот на автомобилите во Женева новата електрична Kona сигурно ќе беше една од ѕвездите.
Првата генерација на Kona постигна завиден успех кого Корејците го очекуваат и од оваа, заради што во сé ја подобрија. Всушност ја направија наново од нула, така што освен името нема ништо заедничко со својот претходник. Во должина порасна за добри 15 сантиметри, со што се доближи до компактниот сегмент.
Дизајнот отиде два чекора напред и Kona сега има уникатен и атрактивен изглед кој ја издвојува од останатите модели на Hyundai. Предниот дел е украсен со беспрекорно поврзани тенки ЛЕД ленти, а светлата се интегрирани во дизајнот на крилата. И задниот дел има слични хоризонтални ленти и светла визуелно интегрирани во крилата, дополнети со точкести светлосни елементи сместени на браникот.
На почеток ќе бидат понудени две изведби на Kona Electric. Стандардната има електромотор кој дава максимални 156 коњски сили и батерии кои обезбедуваат автономија од 340 километри. Втората верзија комбинира мотор засилен на 218 коњи со поголеми батерии доволни за 490 километри. Погонот е само на предните тркала иако се зборуваше дека се подготвува и верзија со погон на сите четири. Една од поголемите новости е и начинот на возење со една педала, за кој во Hyundai веруваат дека прилично ќе им се допадне на купувачите.
Внатрешноста е богато опремена и доаѓа со дигитална инструмент табла од 12,3 инчи, колку што има и централниот екран. Како опција се нуди head-up дисплеј кој проектирајќи ги информациите на ветробранското стакло остава визуелен впечаток како уште еден екран. Цената на нова генерација на Kona засега не е позната. Во продажба ќе се најде во втората половина од годината, а купувачите ќе може да бираат меѓу дури 19 бои на каросеријата.