Citroen Berlingo :: Храбро како и некогаш

Новитети

Храбро како и некогаш

Групата PSA го лансираше, а сега сака и да го редефинира сегментот на повеќенаменски возила
Објавено на 18 февруари 2018 година

Новиот Citroen Berlingo ја предводи новата француска офанзива во сегментот повеќенаменски возила. Тој е прв од трите најавени нови модели со кои групата PSA храбро како и некогаш ќе влијае врз сфаќањата на купувачите какво возило сакаат, а какво всушност им треба. После него ќе следат Peugeot Partner и наследникот на Opel Combo, кој сега е ребрендиран Fiat Doblo. Сите три возила ќе се произведуваат во фабриките на групата во Шпанија и Португалија, кои во очекување на поголема побарувачка ќе бидат доопремени. Освен визуелно, моделите на трите марки ќе се разликуваат и по пазарното позиционирање. Заедничка ќе им биде механиката базирана на модуларната EMP2 платформа што ја имаат бројни модели од групата меѓу кои и новите компактни кросовери. Од PSA се убедени дека нивните возила ќе постават нови стандарди во класата во поглед на економичноста, безбедноста и комфорот.

Citroen Berlingo Дека навистина ќе биде така најавува и првиот од тројцата француски-германски мускетари, Multispace верзијата на Berlingo. Освен изгледот карактеристичен за новите модели на Citroen, на неговите страни се забележуваат и иновативните Airbump штитници. Во внатрешноста има 28 места за одложување на разни работи потребни на патувањата. Стандардната верзија има должина од 4,4 метри, додека XL варијантата е подолга за 35 сантиметри. Багажникот е поголем за сто литри, а стаклата во страничните лизгачки врати сега се спуштаат. На списокот опрема меѓу 19-те технологии за помош на возачот се и системите за автоматско запирање, препознавање на сообраќајните знаци и адаптивниот темпомат. На оние кои патуваат со многу товар од голема корист ќе им биде електронската стабилизација на приколка. Голема новост е и Grip Control системот со пет режими на возење познат од гамата кросовери на PSA. Citroen Berlingo ќе биде достапен со два бензински и три дизел мотори со моќност меѓу 75 и 130 коњски сили. Покрај 6-степениот мануелен, во зависност од верзијата ќе се вградува – 8-степен автоматски менувач. Продажбата ќе му стартува во вториот квартал годинава.

Citroen Berlingo

клучни зборови: , , ,