Honda – Civic

насловна Новитети

Низата продолжува

Место вовед што е ново, Honda го започна претставувањето на 11-тата генерација на Civic со малку американска статистика.

објавено 04. мај 2021

 

Според нивните бројки, од појавувањето на моделот во 1973 година досега таму се пласирани повеќе од 12 милиони примероци кои го направија третиот најдобро продаван патнички автомобил во тој период. Покрај тоа, досегашната генерација во изминативе пет години е број 1 избор на сите кои прв пат купуваат возило. Затоа и карактеристиките на новиот модел се комбинација од нешто старо, нешто ново.

Старото е едноставноста на дизајнот и враќањето кон изворната филозофија од 70-те години во чии корени човекот беше поважен од машината. Чистите линии владеат, пропорциите се покласични а заради поместувањето на предните столбови наназад хаубата изгледа подолга. Тоа дава посебна елеганција на силуетата дополнително истакната со мускулестите крила и остро вклопените задни светла.

Погледот не е оптоварен со ниту еден непотребен детаљ, а така е и во внатрешноста каде содржината е поважна од изгледот. Затоа и покрај целосната дигитализација на кокпитот задржани се класичните копчиња за климатизацијата и аудио системот кој може да биде и Bose со 12 звучници. Со премиум предзнак се и изборот на материјали и завршната обработка, а заради зголемувањето на меѓуоскиното растојание подобрени се пространоста и видливоста. Цврстината на каросеријата е зголемена со примена на алуминиум и челик со висока јакост, а безбедноста е унапредена со нов тип воздушни перничиња и Honda Sensing пакетот активни технологии. Познати се и моторите но за Америка, бидејќи пазарното лансирање на новиот Civic ќе стартува од таму. Првите купувачи ќе го добијат ова лето, само во седан изведбата со четири врати. Хечбекот ќе пристигне неколку месеци потоа, а во Европа малку подоцна. Цените засега не се познати.