Honda со нови погледи кон иднината
Passport и Talon се две возила со кои Honda на својствен начин ја пополнува гамата
Објавено на 25 јануари 2019 година
Honda на Американците им понуди две интересни и нам непознати возила. Првото е кросовер поголем од CR-V кој го носи името Passport. Авантуристички е настроен и има малку погруб дизајн со кој Honda се надева на поинаков профил купувачи. Овој сосема нов модел во гамата ќе се опремува само со 3,5 литарски V6 бензински мотор со 280 коњски сили и 9-степена автоматика. Типично за тамошниот пазар погонот на сите тркала не е стандарден. Производството на Passport веќе е започнато во фабриката на Honda во Алабама. Нема информации за тоа дали освен во Северна Америка ќе се нуди и во други земји.
Истото важи и за вториот, далеку поинтересен новитет. Наречен е Talon и претставува адреналински квадрицикл направен за провоцирање на Polaris кој доминира во оваа класа возила. Зависниците од екстремните спортови во него веќе препознаа моќна играчка наменета за докажување на надмоќта на човекот над природата. Неговата бескомпромисност доаѓа од еднолитарскиот мотор со 114 коњски сили од мотоциклот Africa Twin. Од таму е позајмен и менувачот со двојна спојка, кој со помош на редукторот става на располагање 12 степени на пренос. Сите компоненти на ова возило се направени да можат да издржат секакво малтретирање, заради што и погонот на сите четири тркала е стандарден. Honda Talon ќе доаѓа во две верзии кои се разликуваат во изведбата на ослонувањето. Едната е наменета повеќе за егзибиции, а другата за прецизно маневрирање и возење на тежок терен. Продажбата ќе им започне напролет, по цени кои се очекуваат нешто под 20 илјади долари.