Градски пустолов
Поинаков од конкурентите но и од својот претходник, новиот Citroen C4 Cactus продолжува да настапува самосвесно
Објавено на 24 јуни 2018 година
автор: Зоран Коцев
Кога го запознавме во неговото оригинално издание ни остави впечаток на урбан бунтовник што провоцира. Сега моравме наново да го запознаваме бидејќи после редизајнот C4 Cactus стана доста посериозен модел. Сé уште се брои како иста генерација но уште на прв поглед е јасно дека не станува збор само за редизајн. Тоа не треба да чуди бидејќи освен својот претходник го заменува и хечбекот C4. Сега веќе не е толку различен од другите нови модели од француското семејство и ќе се допадне на поширок круг купувачи. Не можеше да изненади како пред четири години, но сé уште е антикласичар кој носи свежина во настапот. Оригиналноста му ја презедоа C3 и посебно C3 Aircross, со кој лесно може да се помеша. Препознатливиот дизајн со полни облици е урамнотежен со благи стилски корекции, но го има задржано својот шарм. Отворите за воздух во браникот напред ја зголемуваат динамичноста, а едноставно обликуваната врата на багажникот стилската припадност. Со минимализирањето на страничните Airbump заштитници, пак, силуетата доби прочистена форма.
Новиот Citroen C4 Cactus се истакнува со својот единствен карактер и удобност
Сличен е впечатокот и во внатрешноста, како во споредба со претходникот, така и со C3 Aircross. Секој детаљ наново е обмислен и одведен на повисоко ниво префинетост. Се истакнуваат визуелните елементи карактеристични за Citroen-овите модели, а едноставноста на амбиентот и модерниот пристап во неговото уредување оддаваат впечаток на смиреност. Пространоста на внатрешноста е изненадувачка за возило со вакви димензии. Меѓуоскиното растојание од 2,65 метри делува мало, но само на хартија. Вистинското чувство на комфор како на летечки килим како што го опишуваат во Citroen го обезбедува за прв пат воведеното ослонување со прогресивни хидраулични граничници. Advanced Comfort седиштата на прв поглед делуваат нетипично рамни и тврди, но во текот на возењето се сфаќа дека не се такви. Нам искрено ни пречеше големиот опфат на дигитализирањето на командите – некои работи сепак попрактично се контролираат преку копчиња, кои масовно се исфрлени.
Во споредба со претходникот C4 Cactus се разликува по широкиот и карактерен преден дел, преобликуваните бочни страни и нагласениот заден дел со ЛЕД светла со 3-Д ефект
Со воздржаните надворешни габарити C4 Cactus ја враќа компактната класа кон своите корени – должината од 4,16 и широчината од 1,73 метри доста значат за подвижноста во градските метежи. Малку пречи дебелиот заден столб кој ја ограничува видливоста, а некои истото ќе го кажат и за погледот наназад. Кратките превиси сепак не го доведуваат лимот на возилото во опасност при паркирање. Моторната понуда е очекувана и без изненадувања. Трите бензински агрегати од 82,110 и 130 коњски сили добро ја пополнуваат гамата, а единствениот дизел од 100 коњи изгледа како да е тука затоа што мора да биде. Ја возевме средносилната бензинска верзија со шестстепен автоматски менувач, кој функционираше одлично. Овој погонски склоп не остава простор за никаква замерка на избалансираноста на перформансите во возењето. За позитивноста на целокупниот впечаток се грижат и 12 технологии за помош во возењето. Љубителите на персонализацијата ќе дојдат на свое бидејќи C4 Cactus се нуди во 31 комбинација на надворешниот изглед.
Со овој модел Citroen зачекорува во нова фаза во развојната стратегија на своите возила
Сличен а сепак различен, C4 Cactus се одвојува од C3 Aircross и според цената. Таа стартува од 13.490 евра со најслабиот мотор, за кои се добиваат 7-инчен екран чувствителен на допир, MP3 радио со USB и Bluetooth, клима уред, темпомат и сеопфатен безбедносен пакет. Основното ниво опрема со споменатиот 110-коњски бензинец каков што имаше тест возилото чини 15.090 евра, но C4 Cactus е најпривлечен со најбогатиот пакет, кој за доплата од 1.400 евра донесува и 6 звучници, хромирани детали, задни паркинг сензори, кожен управувач, автоматска клима, автоматски бришачи и светла, Citroen Connect систем со навигација и Mirror Screen функција, 16-инчни алуминиумски тркала, електрично склопливи ретровизори, предни паркинг сензори и уште некои значајни ситници.
Французите се народ што ги слави убавините на животот. Храбро поинаков, новиот C4 Cactus е наменет токму за такви луѓе, луѓе што знаат што сакаат и знаат како да уживаат во тоа.
основни податоци Citroen C4 Cactus 1.2 PureTech 110 | |
мотор: | 3 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, директно вбризгување на горивото, турбо компресор, 1.199 cm³, 110 KS при 5.500 min-1, 205 Nm при 1.500 min-1 |
трансмисија: | мануелен менувач со 5 степени или автоматски со 6 степени, погон на предните тркала, пневматици со димензии 205/60 R16 |
каросерија: | кросовер со 5 врати, 5 седишта, 4.170×1.729×1.480 mm, меѓуоскино растојание 2.652 mm, тежина 1.030 kg, максимална тежина: 1.565 kg, багажник: 358/1.170 dm³, резервоар 45 литри |
перформанси: | максимална брзина 188 km/h, забрзување 0-100 km/h за 10,9 секунди, потрошувачка отворен пат/град/просек 4,6/6,4/5,3 l/100 km, емисија на CO₂ 119 g/km |
цена: | 15.090 евра со Live опременост (Shine +1.400 евра): +1.500 евра за автоматски менувач |