Алуминиумска скулптура со моќна механика
На алпските патишта во Австрија и Италија се запознавме со карактеристиките и вештините на Gran Turismo купето со 635 KS и 900 Nm кое е трета генерација на моделот што започна да го менува британскиот бренд под надзор на VW конзорциумот во раните 2000-ти години
Објавено на 2 јули 2018 година
автор: Жозе Каетано
Continental GT е важен модел во (неодамнешната) историја на Bentley. Продажбата на оваа марка во текот на 2017 година се намали за 6,5%, а производството за 10,7% како директна последица на големите промени со лансирањето на Bentayga и претставувањето на третата генерација на Continental GT. Но ако на Bentayga веднаш му припадна титулата за најпродаван модел на Bentley, медалот за најзначаен сé уште го носи Continental GT. Се појави во 2003 година, по завршувањето на периодот на транзиција и разделбата со Rolls-Royce, како прв модел развиен и лансиран под раководство на VW групата, но исто така и прв кој користеше нови техники. Оттогаш се продадоа повеќе од 17.000 примероци.
Од лансирањето на оригиналот, англиската марка има продадено повеќе од 17.000 единици. Најмоќната верзија, Supersports од 2017 година, имаше W12 мотор со 710 KS
И оваа трета генерација е прва по повеќе нешта, меѓу кои и користењето на алуминиум. Тимот кој работеше на развојот на Continental GT се определи за нов процес за негово производство со кој со помош на топлина се добиваат комплексни тридимензионални форми. Спореден со претходникот кој се појави во 2011 година, новиот Bentley се одликува со поголемено меѓуоскино растојание за 135 mm. Должината и висината останаа исти, додека широчината се зголеми за 10 mm. Предните тркала се поместени нанапред, што заедно со измените во архитектурата на Continental GT му даде поспортски пропорции кои придонесуваат и за динамиката на возење. Меѓу капиталните придобивки е и тоа што моторот е многу поблиску до центарот на надолжната оска на возилото, со што се подобрува дистрибуцијата на тежината на 55:45 наместо 58:42.
Во кокпитот на Continental GT се искомбинирани елеганцијата, луксузот, софистицираноста и технологиите
Подобрен е и патничкиот простор, каде има повеќе место за нозете на патниците на задните седишта. Како што е вообичаено за автомобилите на Bentley, можностите за персонализација на внатрешноста речиси се неограничени – различни материјали и бои, алуминиум, кожа, дрво… За подобро да се разбере обемот на работа на занаетчиите на фабриката во Кру, еден човек цел ден работи само на производство на управувачот. Квалитетот на материјалите е исклучителен – сепак во луксузниот сегмент деталите се бројат. Затоа инструмент таблата на Continental GT се состои од околу 40 компоненти. Мониторот од 12,3 инчи на централната конзола ротира и место него може да се гледаат три аналогни покажувачи (компас, штоперка и термометар за надворешната температура) или пак едноставна дрвена површина без никакви декорации. Капацитетот и обликот на багажникот од 358 литри е прилагоден да ја собере опремата за голф, а меѓу пакетите озвучување по еден се од Bang&Olufsen и Naim.
Continental GT е прв Bentley со менувач со двојна спојка, а интегралниот погон е со променлива дистрибуција на силината
Механиката е како доликува на имиџот на еден Bentley. W12 моторот со 6 литри и двојно вбризгување располага со голема огнена моќ од ниски вртежи. Двата турбополначи му овозможуваат да произведува 900 Nm од 1.350 до 4.500 вртежи во минута. Уште повеќе импресионираат 635-те коњски сили при 6.000 вртежи кои гарантираат реактивен одговор на движењата на десната нога. Во споредба со претходниот мотор кој има еднаква архитектура и капацитет, тоа се плус 7,5% моќност и 25% вртежен момент. Continental GT е првиот Bentley со менувач со двојна спојка. Изведен е од системот на Porsche и има осум степени, од кои последните два се за контрола на умереноста на потрошувачката бидејќи максималната брзина од 333 km/h се постигнува во 6-тиот. За поголема ефикасност се грижат уште и старт-стоп функцијата и системот за деактивирање на цилиндрите кој функционира автоматски.
Основата на Continental GT е MSB платформата на VW групата, меѓу чии корисници е и Panamera. Оваа модерна архитектура му обезбедува интегрален варијабилен погон со централен електронски диференцијал и програма за векторирање на вртежниот момент наместо поранешниот систем со фиксна дистрибуција во однос 40:60. Сега операцијата зависи од условите за возење и избраниот режим за контролна на динамиката – Comfort, Sport, Bentley или Custom. Во првиот напред се праќаат до 38%, а во вториот максимум 17%, со што се враќаат привилегиите на погонот на задните тркала во однос на спортската динамичност. Се регулира и работата на моторот, менувачот и ослонувањето, чие однесување се прилагодува со тврдоста на амортизерите за удобно или спортско возење. Активните стабилизатори го намалуваат навалувањето на каросеријата во свиоци оптимизирајќи ги агилноста, прецизноста и брзината на поминување низ нив. За сопирање тука се големите вентилирани челични дискови, предните од 420 а задните од 380 mm. Карбокерамичките ги нема меѓу опциите.
Позиција за возење е врвна, а управувачот електрично контролиран
Кај новиот Continental GT не само бројките за W12 моторот и перформансите воодушевуваат. Тој е рангиран меѓу елитата на GT купеата, над германските и италијанските конкуренти како што се Mercedes S-класа Coupe и Maserati GranTurismo, како со својот имиџ така и со исклучителната техника. Спортско, динамично, бескомпромисно удобно, возбудливо, луксузно, софистицирано – сите тие фактори се дел од формулата според која е создаден.
Куриозитети
За оптимална контрола и функционирање на функциите и системите на Continental GT, програмерите од Bentley имаат развиено софтвер со над 100.000 линии програмски код – на Boeing 787 Dreamliner му се потребни помалку. Жиците на електриката се подолги отколку најдолгата патека во формула 1, Спа-Франкошамп (7,004 km). Секој W12 TSi мотор има 294 компоненти и неговото монтирање трае 6 часа и 30 минути. За внатрешните облоги на секој Continental GT се употребени 2,8 километри конец со точно 310.675 шевови. За развојот на аеродинамиката се потрошени 2,3 милиони часа компјутерски симулации, плус 340 часа работа во воздушен тунел.
основни податоци Bentley Continental GT | |
мотор: | 12 цилиндри во W, 4 вентили по цилиндар, два турбо компресора, 5.950 cm³, 635 KS при 6.000 min-1, 900 Nm при 1.350-4.500 min-1 |
трансмисија: | автоматски менувач со 8 степени, погон на сите тркала, пневматици со димензии напред 265/45 ZR21 назад 305/35 ZR21 |
каросерија: | купе со 2 врати, 4.850×2.187×1.405 mm, меѓуоскино растојание 2.851 mm, тежина 2.244 kg, багажник: 358 dm³, резервоар 90 литри |
перформанси: | максимална брзина 333 km/h, забрзување 0-100 km/h за 3,7 секунди, просечна потрошувачка 12,2 l/100 km, емисија на CO₂ 278 g/km |