Тешка категорија
Веднаш по RAM, и товарната филијала на General Motors го претстави својот адут во тешката категорија пикапи
Објавено на 31 јануари 2019 година
Битката на титаните допрва ќе се разгорува – кај GMC Sierra многу нешта се идентични со Chevrolet Silverado HD, со кој заедно премиерно ќе бидат покажани на салонот во Чикаго. Вклучително и 6,6 литарскиот V8 дизел кој располага со 445 коњски сили и 1.234 њутн-метри максимален вртежен момент. Спарен со нова 10-степена автоматика, тој може да влече приколка тешка 13,6 тони. За сé да биде во ред, за безбедноста ќе се грижи ProGrade Trailering системот кој на возачот ќе му сервира вкупно 15 различни погледи од камерите. Процесуирани со специјален софтвер, тие на 15-инчниот монитор овозможуваат транспарентен поглед наназад низ приколката, како таа воопшто да не постои. Овој систем е задолжен и за дијагностика на електричната инсталација и светлата на приколката, го надгледува притисокот во нејзините пневматици и потсетува кога таа треба да се носи на сервис. На списокот безбедносна електроника се наоѓаат уште десетина други практични асистенти кои треба да го олеснат возењето. Доколку пак се работи за камп-приколка, тогаш сé во неа може да се контролира преку мобилен телефон.
GMC Sierra Heavy Duty ќе се нуди во повеќе различни изведби, по цени кои се очекува да започнуваат од 35.000 долари. Ќе се произведува во фабриката на General Motors во Флинт во Мичиген, каде за новите генерации големи пикапи се вложени дури милијарда и 500 милиони долари.