Магична убавина
Доколку се реализира, ова ќе биде еден од најубавите кабриолети…
На Лос Ангелес Мотор шоу, Genesis го претстави последниот од трите концепти кои се однесуваат на идниот можен смер на моделите од оваа премиум марка. Првиот впечаток е најважен, а тој е зашеметувачки!
Големо меѓуоскино растојание, краток надвис на тркалата и дизајн на каросеријата што буди страст и воодушевување. Силниот впечаток го остава поради долгата хауба. Се издвојува уште повеќе благодарение на познатите Quad светла препознатливи за брендот, кои формираат LED светлосна лента.
Профилот на концептот е уште поелегантен со остри набори над предните и задните тркала, како и изразената линија која се протега од предниот дел на хаубата па се до спојлерот на капакот на багажникот. Genesis ова го нарекува „Параболична линија“ што го нагласува кралскиот карактер на профилот, создавајќи напнатост помеѓу предните и задните површини преку нежно нагласената хоризонтална линија.
Видливи во задниот дел на најновиот концепт на Genesis се хоризонталните четири задни светла. Концептот располага со преклопен тврд покрив со проѕирен свод над предните седишта. Надворешниот дизајн го заокружуваат тркалата со сложена шема и конкавни површини. Дизајнерите ја направија внатрешноста исто толку неверојатна како и надворешноста.
Дигиталната инструмент табла како да го гушка возачот и таа е украсена со мешавина од волнена ткаенина и кожа што може да се рециклира. Нема податоци за погонот, но тој е замислен да биде електричен и со многу сила. Развојот на Genesis е фокусиран да го зголеми атлетскиот и емоционалниот аспект на дизајнерска филозофија која го потенцира создавањето на емотивна поврзаност со иновациите.
Тоа е процес на транзиција на Genesis во компанија која ќе испорачува производи во кои сопствениците ќе уживаат. Доколку Genesis X Convertible концептот се реализира во сериски модел, онаков каков што е, уживањето нема да биде резервирано само за патниците, туку и за оние што ќе го гледаат!

