Враќање на голема врата
Глобалниот пикап на Ford повторно ќе биде понуден на американскиот пазар
Објавено на 17 јануари 2018 година
По една генерација прогонство, Ford Ranger повторно се враќа на американскиот пазар. Позициониран под бестселерот F-150, овој пикап ќе настапува како функционално возило наменето повеќе за работа. Во согласност со тоа ќе биде и гамата која ќе се состои од две каросериски изведби и само еден четирицилиндричен мотор спарен со 10-степена автоматика. Ranger ќе биде поставен на благо модификуваната Т6 платформа – истата онаа која се подготвува и за новиот Bronco. Ќе биде понудена и специјална off-road изведба со засилено подвозје и теренска електроника со четири режими на возење. Опремата му е над просекот на класата и меѓу другото вклучува седишта со греење и вентилација, како и SYNC инфо-забавен систем. Слично е и со безбедносната електроника која вбројува адаптивен темпомат, систем за автоматско кочење со детекција на пешаци и друго. За разлика од глобалниот модел, американската верзија ќе се произведува на домашно тло.