Навидум решениот проблем со губење на силата повторно се појавува
Минатата година во јуни Ford Motor Company повлече 48.924 примероци на Mustang Mach-E произведени за пазарот во САД. Ова се случи откако голем број купувачи се жалеа на ненадејно губење на моќноста на возилата. Компанијата направи ажурирања на софтверот на секундарниот модул за дијагностика на контролата и модулот за контрола на енергијата на батеријата. По ова Ford Motor Company бесплатно ја замени разводната кутија на високонапонската батерија. Сепак направените подобрувања не го решија проблемот.
Во САД до Националната управа за безбедност на сообраќајот на автопатиштата и нејзината Канцеларија за истрага на дефекти доставени се нови 12 поплаки кај возила на кои веќе било интервенирано. Овие пријави може да иницираат отповикување на околу 65.000 примероци од моделот Ford Mustang Mach-E произведени од 2021 до 2022 година. Засега се работи детална истрага по која ќе се одлучи дали отповикувањето ќе се реализира.
Mustang Mach-E се произведува во Мексико наместо во САД, а во првите шест месеци од годинава забележан е пад на продажбата во САД во однос на истиот период лани за 19%, односно од 17.675 на 14.040 примероци. Негови најголеми ривали се Volkswagen ID.4, Hyundai Ioniq 5, Kia EV6 и Tesla Model Y. Сите наведени се поевтини од Mustang Mach-E со исклучок на Tesla Model Y.