Визуелно и техничко подмладување
Иако му е време за замена, место нов модел Ford се одлучи да го подмлади Mondeo
Објавено на 21 јануари 2019 година
Поттикнат од гласините дека по урнек на Америка и во Европа меѓу другите ќе го исфрли и Mondeo, Ford побрза и ја претстави неговата нова моделска генерација. Но иако му е време за замена, место сосема нов модел Ford се одлучи само да го подмлади. А тоа го стори темелно – и визуелно, и технички. Плус на тоа на караванската изведба ѝ додаде хибриден погон. Но, да започнеме по ред – со изгледот. Естетските измени во однос на досегашната верзија не се толку значајни, но сепак се забележуваат. Маската е благо дотерана, светлата се во ЛЕД технологија а модификуван е долниот дел на браникот. Назад е додадена хромирана лајсна и графиката на задните светла е изменета. Во внатрешноста промените го зафаќаат делот околу менувачот, материјалите се поквалитетни а опременоста збогатена со адаптивен темпомат со тргни-застани функција и систем за препознавање на сообраќајните знаци.
Најважната новост е додавањето на хибридната верзија на караванскиот Mondeo Wagon. Таа обединува дволитарски бензинец и електромотор кои заедно испорачуваат 187 коњски сили. Благодарејќи на регенеративниот систем, тој просечно троши 4,4 литри на 100 километри. Од другите погонски агрегати во понудата се дволитарските дизели со 120, 150 и 190 коњски сили, како и 1,5 литарскиот EcoBoost бензинец со 165 коњи. Некои од нив можат да се искомбинираат и со новиот 8-степен автоматски менувач и со погон на сите тркала.
Лани во Европа Ford од Mondeo продаде 50 илјади примероци. Кога се појави овој модел при крајот на 90-тите, неговата продажба надминуваше 300 илјади годишно.