Конечно дизел!
После повеќе од две децении, Ford повторно го понуди F-150 со дизел мотор
Објавено на 10 јануари 2018 година
Како што најави пред три години кога ја претстави сегашната генерација на пикапот F-150, Ford ја прошири неговата понуда и со дизел мотор. Изборот падна на новоразвиениот трилитарски агрегат со 250 коњски сили и 600 њутн-метри максимален вртежен момент. Токму оваа бројка се најде во фокусот на карактеристиките на успешниот пикап, која пренесена преку десетстепената автоматика му овозможува да влече приколка тешка 5 тони. Не беше заборавено да се истакне и економичноста – со овој агрегат ултимативниот пикап на Ford при возење на автопат ќе троши просечни 12,8 литри на 100 километри. Иако дизел моторите се сосема надвор од интересот на американските купувачи, Ford се реши да го понуди F-150 со ваква погонска група исклучиво заради притисокот од конкуренцијата. Постоеја шпекулации дека со неа всушност се најавува поголемо интернационално присуство на овој модел, но тоа не е потврдено од страна на производителот. Наместо тоа, извесна е неговата хибридна верзија која треба да се појави за некоја година.
Ford и порано подготвуваше дизел верзии на F-150, но рецесијата од 2008 година ги исфрли овие планови далеку од можноста за реализација. Последен модел на овој пикап со дизел мотор остана неговата деветта генерација која се произведуваше од ’92 до ’96-тата.