Ford Explorer :: Предупредување до конкурентите

Предупредување до конкурентите

Новиот Ford Explorer дебитираше со нова платформа со иницијален погон на задните тркала, но и помала тежина
Објавено на 15 јануари 2019 година

Ford Explorer се враќа на старите корени – после скоро цела деценија тој повторно ќе има платформа со иницијален погон на задните тркала. Но иако поробусна како техничко решение, лидерот во американскиот сегмент на средно-големи теренци ќе ги задржи атлетските потенцијали заради скоро сто килограми помалата тежина. Голем дел од механиката кај него веќе се среќава кај Lincoln Aviator, вклучувајќи го и трилитарскиот V6 мотор чија сила е намалена на 365 коњи. Основната верзија ќе доаѓа со 2,3 литарски EcoBoost со 300 коњски сили. На поклониците на најдоброто на располагање ќе им биде ST изведбата со вкупно 400 коњи, кои ќе го забрзуваат Explorer до 96 на час за 6,7 секунди и дотераат до максимални 230 километри на час.

Погонот на четирите тркала кај сите верзии е опционален, додека 10-степената автоматика сериска и единствена со која ќе може да се добие. Пократките препусти, линијата на покривот што се спушта и погломазниот преден дел прават новиот модел да изгледа поспортски од претходникот. Новата платформа му обезбедува поголем комфор во возењето, а за теренските својства ќе се грижи електронската распределба на вртежниот момент со седум режима на работење. Еден од нив е наменет за влечење приколка, која може да биде тешка до 2,5 тони. Модерната кабина во која има простор за седум патници е исполнета со сé што се очекува да има едно вакво возило со почетна цена од 33 илјади долари. Првите испораки се очекуваат летово, а проструи глас и дека би можел да стигне и до европските купувачи. За нив посебно ќе биде интересна хибридната верзија која сплотувајќи 3,3 V6 бензинец со електромотор испорачува вкупно 318 коњи.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER