Кога светот се гледа низ розеви очила…
Одделението на Ferrari за специјални проекти разви уште еден исклучителен автомобил
Специјално за еден неименуван клиент за кој од Маранело велат дека е еден од најстрасните колекционери на марката, Ferrari подготви уште еден исклучителен автомобил. Со каква внимателност е направен сведочи периодот од три години колку што се развиваше. Според личната желба на купувачот техничката основа е земена од тркачкиот 488 GT3 Evo, во чија лична карта пишува дека има 600 коњски сили и 700 Nm. Според усталеното правило Ferrari за своите уникатни модели не открива ништо околу техниката и перформансите, но ова автомобилско ремек-дело од својот централно поставен 3,9 литарски твин-турбо V8 мотор сигурно извлекува повеќе.
Во однос на оригиналот реконструирани се сите надворешни панели на каросерија, додека кокпитот безмалку остана ист. Вратите се отвораат нанагоре, а кога треба се отвораат и еден вид шкрги сместени зад предните тркала и после вратите наменети за поефикасно ладење. Масивниот заден спојлер може да се демонтира, а тркалата се напред од 21 и назад од 22 инчи. Нема традиционални ретровизори, а сликата од камерите се емитува на три екрани поставени таму каде вообичаено е внатрешниот ретровизор.
Секако, информации за цената нема.