Ferrari 812 Competizione

Новитети

Коњчето повторно игра!

Ferrari подготви две нови ѕверки од серијата 812

објавено 16. мај 2021

Ги нарече Competizione иако се хомологирани за регуларен сообраќај. Првата е динамично купе чие задно стакло е заменето со профилиран лим. Втората верзија се разликува по отстранливиот покрив од јагленородни влакна и е доозначена со буквата А.

Заедничко им е 6,5 литарското V12 срце навиено на 830 коњски сили. Без помош на турбо компресор или електромотор тоа чука до 9.500 пати во минута, лансирајќи го купето до сто на час за вртоглави 2,85 секунди. Двесте качува за 7,5 секунди, а ако не запрете ќе оди сé до 340 километри на час. И вредностите за Competizione A се еднакво уверливи.

Седумстепениот менувач со двојна спојка има нов софтвер, а тежината е намалена за 38 килограми. Управувањето е на сите четири тркала, а аеродинамичните додатоци се изведени од формула 1 болидите. Купето ќе биде произведено во 999 а отворената верзија во 599 примероци. Тоа што цената им изнесува 499 односно 578 илјади евра не беше пречка сите уште сега да бидат распродадени.