ЕУ им олеснува на Tesla, BMW и VW произведени во Кина, а за некои кинески брендови намалувањата се симболични
Дека ЕУ некому е мајка, некому маќеа покажува последната корекција на увозните давачки објавени во јули. Првично ЕУ бараше царина од 20,8 отсто за увезените модели на Tesla произведени во Кина, но таа стапка сега е намалена на само 9 отсто.
Тоа се случи по жалбата на американскиот производител, а откако ЕУ се увери дека Tesla добил помала државна помош од некои други фирми што произведуваат автомобили во Кина. Но, ЕУ откри дека Тесла навистина добива батерии со пониска цена од пазарната вредност што на компанијата ѝ дава неправедна економска предност во однос на компаниите кои произведуваат автомобили во други делови од светот.
Извештајот на ЕУ наведува многу други начини на кои производителите на автомобили со седиште во Кина можат да добијат помош, вклучувајќи евтина земја, грантови и заеми по поволни стапки. Ревидираната тарифна структура на ЕУ му оди на полза и на новиот електричен Mini. Првично доделената брутална тарифа од 37,6 отсто е намалена на 21,3 проценти. Истото намалување го доби Cupra Tavascan, но SЕАТ сака да постигне дополнителни отстапки.
Па дури и кинеските брендови постигнаа симболични отстапки. Тарифната стапка на BYD се намали од 17,4 на 17 проценти, на Geely паѓа од 19,9 на 19,3 проценти и стапката на SAIC се подобрува од 37,6 на 36,6 проценти.