Претставувањето на EV9 означува уште една пресвртница за корејската марка.
Горостасен, храбар изглед и големите пропорции даваат силна порака. Пространата внатрешност, изобилството на технологија поврзана со безбедноста и, што е најважно, батерија со голем капацитет која овозможува добра автономија се главните карактеристики на EV9.
Што е KIA EV9
Со претставувањето на EV9 започна нова дизајнерска комуникација на моделите на KIA. Изгледот требаше да биде наменет само на електричните модели на куќата, но тој бргу се прошири и на останатите. Огромниот EV9 кој се наоѓа на врвот на понудата на KIA е наменет за семејствата, но со своите пропорции лесно наоѓа примена и како транспортер на патници. Смирениот амбиент во внатрешноста и големиот простор исполнети се со удобност и елеганција. Евидентно е дека корејската марка прави исчекор со кого своите БЕВ сака да ги постави на повисоко ниво.
Цена и услови на набавка
Со оглед на димензиите, сериската опременост и технологијата која е вградена во KIA EV9 AWD цената од 87.000 евра звучи разумно. Овој модел треба да стигне на нашиот пазар за неколку месеци. Погон на сите тркала, 385 КС, батерија со нето капацитет од 96 kW, и покрај огромните 2.670 килограми тежина, способна е спринта до стотка за 6 секунди и да достигне 200 км/ч. Доколку се одлучите за купување преку Шпаркасе Лизинг добивате и попуст од 3.620 евра па со 18.785 евра учество 60 месеци ќе отплаќате по 1.470 евра месечно.
На прв поглед
Кога ќе го погледнете EV9 делува како да сте се соочиле со џин. Должина поголема од пет метри и речиси два метри ширина обликувани се да остават силен впечаток. Дизајнот е влијателен, од предните LED светла кои видно прикажуваат два вертикални столбови од по шест квадратни LED единици до хаубата што тече надолу. Претераните пропорции се разбиени со густите продолжетоци на лаковите на тркалата, доработени во контрастна сјајна црна боја, врамувајќи ги тркалата од 21 инч. Рачките на вратите се повлекуваат навнатре кога се вози за да се овозможи флуентен проток на воздух и да го засили целокупниот изглед, а на некои пазари постои и опција за систем за ретровизори базиран на камера.
Меѓу придобивките од архитектурата на платформата е меѓуоскиното растојание од 3,1 метар, што резултираше со повеќе внатрешен простор и правејќи ги надворешните пропорции да функционираат подобро. Патниците имаат добар поглед поради големите стаклени површини, а покривот што се протега до задниот дел без никаков наклон укажува дека и возрасните можат удобно да седат во третиот ред седишта, што неможе да се каже за повеќето возила што имаат седум седишта. Широкиот капак на багажникот е врамен со тенки светла во форма на Y кои го прават автомобилот веднаш препознатлив одзади. Опцијата од шест или седум седишта е интересна, при што првата им обезбедува на патниците од средниот ред индивидуални фотељи кои можат да се вртат за 180 степени.
Во кабината на EV9 AWD GT-Line
Поздрав за возачот е сеопфатна дигитална контролна табла која се состои од пар од 12,3 инчни дисплеи и помала единица од 5,3 инчи што ги содржи поставките за контрола на климата. Задоволство е што сè уште има густи физички копчиња за прилагодување на температурата и брзината на вентилаторот. Матичниот инфозабавен систем на KIA е експанзивен и има многу опции за поврзување, вклучително и Android Auto и Apple CarPlay, и двете функционираат безжично. Во централната конзола помеѓу предните седишта има пар држачи за чаши и конзола за безжично полнење на телефон.
Повеќето групи на копчиња се обоени во сјајна сива боја што ги прави попријатни за употреба и го подобрува чувството за квалитет на секундарните контроли насекаде. Особено во оваа област KIA направи голем напредок, бидејќи квалитетот на изработката на внатрешноста е на прво место, од квалитетот на површините до склопувањето на целиот пакет. Тоа секако оди на некој начин кон оправдување на цената на возилото.
Возејќи го EV9 AWD GT-Line
Големината на EV9 е забележлива кога ја возите за прв пат, иако разумно може да се маневрира при мали брзини, а деталниот систем на камера за паркирање секако помага. KIA нуди и автоматизирана функција за паркирање која им овозможува на сопствениците да го движат автомобилот далечински преку клучот напред или назад во или надвор од паркинг простор, што може да биде корисно ако имате тесна гаража или некој паркирал премногу блиску до вас.
Батеријата од 96 kWh во EV9 обезбедува според WLTP возење од 512 километри, но во реалност успеавме да поминеме 434. Со целосно наполнета батерија ќе ви треба многу самодоверба да преземете подолги патувања, а изгледот на внатрешноста секако ќе ве поттикне да го сторите тоа. Покрај целиот тој простор, возачкото седиште е многу удобно и има многу можности за приспособување за да се најде претпочитаната позиција за возење.
За време на нашето возење во различни сценарија на возење, просечната потрошувачка се совпаѓаше со официјалните 22,8 kWh/100 км. За оние што планираат да го купат EV9 AWD GT-Line треба да знаат дека при полнење на батеријата од 96 kW нето капацитет ќе потрошат 109,75 kWh струја, додека на брз полнач (350 kW) од 20-80% батеријата ќе се наполни за седум минути. По сигнализирањето дека батеријата е празна имате резерва да исцедите уште 19 километри. KIA во EV9 демонстрира како функционира најновиот кластер на безбедносни системи кои се однесуваат на вниманието на возачот.
Гледајте надолу кон кој било од трите екрани пред вас и предната инфрацрвена камера за следење на возачот ќе ѕвони со предупредување за да побарате да обрнете внимание на патот. Поминете неколку километри на час над објавеното ограничување на брзината и ќе слушнете „пинг“ за учтиво да ве поттикне да ја намалите брзината. Тоа е нешто што е премногу лесно да се направи во EV9 кога имате моментален вртежен момент од 600 Nm на располагање, иако тоа не е оправдување за брзо возење. Како и кај многу големи електрични возила, има одредена цврстина на суспензијата, иако можете да го почувствувате неговото ниско тежиште во свиоци или дури и на кружен тек.
Квалитетот на возење никогаш не е непријатно суров. Комбинацијата на поголемиот дел од тежината ниско позиционирана и погонот на сите тркала благодарение на поставувањето со двоен мотор EV9 AWD GT-Line се однесува импресивно, сигурно и стабилно во секое време. Задната мултилинк суспензија придонесува позитивно за управувањето и не се буни при брзите промени на насоката.
Вниманието на KIA на квалитетот и префинетоста доаѓа до израз при возење на подолги растојанија. Акустично оптимизираното предно стакло помага да се намали бучавата од ветерот и при брзини на крстарење на автопат, внатрешноста останува освежувачки ослободена од татнежот на пневматиците и покрај големите тркала.
Заклучок
EV9 веројатно ќе ги подели мислењата врз основа на поларизирачкиот надворешен дизајн, но со интериерот и просторот веројатно ќе се придобијат многу повеќе купувачи. Нивоата на опрема се многу добри, но опцијата за избор на различни распореди на задните седишта во GT-Line е што додава дополнителна привлечност покрај дополнителните перформанси што ги носат спецификациите.
Комбинацијата на надворешен стил сличен на концепт автомобил, изобилството простор во внатрешноста со врвен квалитет и полираната динамика на возење помагаат цената на овој автомобил да биде оправдана, особено ако се земе предвид конкуренцијата. Маршот на KIA продолжува.