Дојде со голема новост во себе
И со новата генерација на Forester Subaru игра на сигурно
Објавено на 2 април 2018 година
Најавувајќи дека во себе крие голема новост, Subaru ја претстави петтата генерација на Forester. Малку поголем и исполнет со доста нови технологии, овој добро продаван модел на марката не се разликува многу од својот претходник. Визуелно се дистанцира од него со поприфатливите стилски линии кои сé уште се далеку од помодните трендови. Заедно со конзервативниот пристап е задржана и функционалноста, по која Forester е познат. Иако е поставен на нова платформа, многу не е променета ниту издржливата механика. Боксер-моторот од 2,5 литри засилен на 182 коњски сили се нуди единствено со безстепен вариоматски менувач. Симетричниот погон на сите тркала се подразбира, а големиот клиренс од 22 сантиметри ги потврдува традиционално добрите теренски гени. За подобро снаоѓање на асфалт новиот Forester стандардно е опремен со пакет современи електронски асистенти, што всушност е големата новост која Subaru ја најави. Меѓу нив е и мониторинг системот чиј софтвер го следи лицето на возачот препознавајќи дали тој е заморен од возењето.