Daimler „кркна“ 870 милиони евра казна
Причината, погодувате, се издувните гасови
Објавено на 26 септември 2019 година
Daimler ќе мора да плати казна од 870 милиони евра заради кршење на прописите за емисиите на штетни гасови, поточно содржината на азотни оксиди од дизел возилата. Германските обвинители и регулатори уште во јуни 2017 година ги пребараа објектите на компанијата во потрага по докази во склоп на истрагата за можни измами во вид на манипулација со податоците, за на крај да констатираат дека големиот авто-производител од 2008 година немарно се однесувал со оваа проблематика, посебно во обавувањето на надзорот. Така, заради тоа, околу 650.000 возила биле пласирани на пазарот со еколошки сертификат кој со оглед на повисокото ниво штетни материи во издувните гасови не го заслужувале.
Објавувајќи дека нема да се жали, Daimler без поговор ја прифати казната, која патем кажано изнесува законски максимални 4 милиони евра – останатите 866 се накалемени според други казниви членови од сојузните германски прописи. Но од Daimler исто така изјавија и дека иако висока, оваа казна воопшто нема да влијае на нивните проценки за годинешниот профит, бидејќи тие веќе претходно „резервираа“ во билансот 1,6 милијарди евра за правни последици поврзани со емисиите на дизелските возила.