Cupra ја продолжува својата електро офанзива на вода.
Кога започна со работа Cupra најави дека во фокусот нема да бидат само автомобили и дека своето работење ќе го прошири и на други производи поврзани со животниот стил. Првиот проект што не е на тркала беше реализиран пред две години и тоа беше јахта во соработка со реномираниот производител, исто така лоциран во Барселона, De Antonio Yachts. Своето портфолио Cupra го гради како електрична марка па за очекување беше таа филозофија да ја префрли и на останатите производи што го носат името на компанијата. Таков пример е D28 Formentor e-Hybrid, првата електрифицирана јахта која за основа го зема моторот претставен во првата јахта што ја направи шпанскиот тандем во 2020 година. Тој располага со 400 КС и способен е да постигне брзина од 40 јазли. Дополнително на бродскиот мотор додадени се два електро мотори со моќност од 15 kW кои се интегрирани во погонската група, па така е добиена првата јахта на хибриден погон. Хибридниот систем овозможува јахтата да се вози или со мотор со согорување или во електричен режим, односно без загадување на водата и со многу ниски емисии на бучава.