Citroen C4 1,5 HDi 8АТ Shine

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Момче што ветува

По кратка криза на идентитетот Citroen се враќа на вистинскиот пат

објавено 26. февруари 2021

Низ текот на годините Citroen секогаш имаше свој компактен хечбек што отскокнуваше од останатите. Зголемената популарност на спортско-корисните возила на пазарот, марката која важи за авангардна во светот на автомобилите, повлече ризичен потег и одигра на картата C4 Cactus. Класичниот кросовер не помина лошо меѓу купувачите, но беше евидентно дека тоа не беше вистинското решение! Новата генерација со која се соочуваме е декларирана, и е класичен хечбек. Добро, не со типичен изглед на фамилијарна каросерија, но сепак е хечбек. Дизајнот е вешто направен алудирајќи на просторноста, комфорот и удобноста. Широка контура, купеовски спуштен покрив, големи лакови над тркалата и подигнатиот заден дел мешаат два стила и оставаат спортски впечаток.

Деталите ја прават целината, а нив ги има во изобилие. Светлата со LED технологија доминираат на предницата распределени во три групи. Горните се поврзани со никлованиот ”двоен шеврон“ и ја дефинираат робусната предница. Задните светла се гломазни по форма, но графиката им е тенка и лесно забележлива. Од било кој агол гледан новиот С4 дава кросоверски изглед. На овој впечаток му оди во прилог високото седење. Внатрешноста делува просторно каде доминираат конфорните, налик на фотеља, предни седишта. Има многу простор за одложување на дребулии, а се издвојува фиоката пред совозачот каде е сместена рамка за таблет кој се фиксира на посебен држач, исто така мајсторски скриен над касетата. Предната конзола ја карактеризираат многу форми.

Кластерот на инструменти и екранот на допир за инфозабавниот систем лесно се воочливи, спортскиот волан ги содржи потребните манипулатори, веднаш зад него се лопатките за рачно менување на преносите на менувачот, има и хедап дисплеј… Онака како што му доликува на ”кршачот на мраз“ опременоста е на највисокото ниво Shine. Во неа се вклучени многуте електронски системи за асистенција на возачот, конективност и безбедност. Треба да сте ”маанџија“ за да побарате повеќе. Не сум маанџија но, не можам да одолеам а да не кажам дека не очекував седиштата во највисокото ниво на опременост да бидат обложени со ”еколошка кожа“ или народски речено – скај. Има и други вештачки материјали кои се евтини, а делуваат многу подобро. Вистинско разочарување е хедап дисплејот кој е анахрон и не е достоен да се вградува во марка која се декларира како авангардна. Исто така, очекував Citroen да излезе со иновативен инструмент панел, како што направи Peugeot со 3D i-Cockpit, но тоа не се случи. Затоа пак, во ниту еден момент не се почувствува отсуство на удобност, простор и пријатен амбиент.

Дури и на задната клупа има доволно простор за главите иако формата на покривот е купеовска. Во кабината има изненадувачки место за четири патници, додека багажниот дел бележи просечни за класата 380 литри. За пофалба е наслонот за раце на задната клупа чија преграда може да се спушти за да се стават подолги предмети. Ги имаме сите предуслови за убава зимска маршрута со атрактивно обликуваниот С4. Во текот на извозените околу 400 километри можев да почувствувам многу заинтересирани погледи кон појавата на францускиот шармер. Прекрасното зимско време формираше идеални услови за спортување. Скиите во гепек и правец на скијање! До терените на Бистра се одвезовме релаксирано. За движењето е задолжен новиот 1,5 литрен HDI со 130 коњи впарен со осум степена автоматска трансмисија. Неговото работење е мирно и култивирано. Кога енергично ќе се стисне педалата за забрзување се јавува придушен баритон и помалку летаргичен одговор. Така е до полето на средни вртежи кога се регистрира живост и полет. Доколку сте расположени препорачливо е да ги користите рачните прекинувачи за менување на брзините чиј одговор е изненадувачки брз. На располагање се однапред дефинирани три модуси на работење кои во принцип не менуваат многу освен алгоритамот на соработката помеѓу моторот и менувачот. Забавно е кога се вози низ свиоци, особено поради брзото ”шалтање“ и играта која ја овозможува мекото, но одговорно потпирање. На провокативните свиоци каросеријата се држеше до зададените линии, малиот волан лесно се манипулира, а целиот автомобил заслужува афирмативни оценки. Возачот одлично ја чувствува каросеријата иако управувањето е индиректно, па тоа влијае како ”дијазепам“. Ве тера да уживате во возењето бидејќи знаете дека можете да покажете заби, не само убавина.

На автопат, да не беа толку бучни зимските пневматици, возењето ќе го споредев со летечки ќилим. Високото седење дава преглед на околината и кога ќе се постигне брзината на движење каросеријата како да лебди додека тркалата ги ”џвакаат“ честите нерамнини, крпеници и дупки на нашите патишта. Екипата ја оставив на скијање, а јас направив уште некое кругче околу Мавровското езеро. Не што морав, туку, онака, за мој ќеиф. Тогаш сакав да се поиграм онака како што сакав јас, без присмотра на будното око на мојата сопруга и нејзиниот неумолив глас за опоменување на пречекорувањето на брзината. Немам многу аргументи за забава, но ќе се обидам да се уживам. Моторот произведува разгалени 130 коњи при 3.750 врт/мин и 300 Nm при 1.750 врт/мин. Оваа комбинација дозволува амбициозно возење доколку имате тешка нога. Она што ми беше поважно во зимски услови е како ги прифаќа командите и како се однесува потпирањето. Тие се на висина на задачата и потребите на возачите.

Згора на тоа, поради цедењето на моторот и динамичниот стил на возење, за шеесеттина извозени километри ја кренав просечната потрошувачка на 6,1 литри на 100 километри. Ове е многу добар показател дека Citroen сериозно ја сваќа својата улога што мора да ја прилагоди на ново настанатите услови на пандемија и корпоративно репозиционирање. Цената на возениот модел е добро одмерена: 26.140 евра. Сепак С4 е нов модел со впечатлив стил, богато опремен, има одлична ергономија проследена со убедлива техника со истакната економичност, удобност и солидни возни својства. Треба да се земе во предвид дека има осум степен автоматик одличен за употреба во секакви сценарија за возење. Лично жалам што авангардноста, по која е познат Citroen, е пригушена и веројатно преориентирана на луксузниот бренд DS. Кога ќе се подвлече линија на рационалното и емоционалното и треба да се сублимира, тогаш излегуваат интересни резултати. Со својата цена С4 не е меѓу најскапите во компактната класа, напротив, има неколку модели од понискиот сегмент кои не нудат ништо повеќе од опременоста и чинат дури повеќе! Во средната ниска класа возила конкуренцијата е голема. Овој пат како французите да направија вистински баланс на изглед, опременост и цена. Дали сме во право ќе покаже продажбата која во голема мерка се потпира на поевтините верзии, кои се најинтересни за нашиот пазар. Тестот можете да го видите утре во Авто Магазин.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER