Дефиниран дизајнот на идната генерација на Corvette
Претставувајќи ги концептите CX и CX.R Vision Gran Turismo како дел од седмото издание на популарната видео-игра Gran Turismo, Chevrolet всушност ни покажа како ќе изгледа идната генерација на Corvette. Овие футуристички креации се карактеризираат со неверојатен дизајн, многу помоќен отколку на сегашната осма генерација. Иако ја туркаат на радикално нова територија, задржани се типичните стилски карактеристики на американската спортска икона. Се одликуваат со еволутивна предна маска со агресивни всисници и тенки светлосни единици. Аеродинамиката е активна а концептите имаат и вградени вентилатори кои го влечат воздухот низ каросеријата генерирајќи масивна сила на притисок.
Место врати се подигнува целиот преден дел на каросеријата висока само 1.041 милиметар откривајќи ја минималистичка кабина со спортски изглед и компоненти од алуминиум и јаглеродни влакна. На воланот е интегриран дисплеј а ракувањето со сите главни контроли го задржува фокусот на возачот на патот. Во тоа помага и дигиталното ветробранско стакло кое делува како огромен head-up дисплеј.
Погонски единици има два вида, барем во виртуелното издание. Електричното располага со четири електромотори со повеќе од 2.000 KS и батерии од 90 kWh. Бензинското кое е доозначено со суфиксот R е опремено со дволитарски V8 со 900 коњи кој се врти до 15.000 вртежи во минута. Погонот е на задните тркала преку осумстепен менувач со двојна спојка. Доопремен со два електромотора на предните тркала и уште еден во менувачот, комбинираната моќност исто се искачува на 2.000 коњски сили.
Chevrolet не дава информации кога треба да ја очекуваме наредната девета генерација на Corvette.


















