Chevrolet – Bolt

Новитети

Bolt со полни батерии!

Втората генерација не носи нова технологија на подвозјето и механиката

објавено 25. февруари 2021

Со претставувањето на Chevrolet Volt во 2009 година, General Motors стана еден од пионерите на електрификацијата на возилата. Но неговата концепција на сериски хибрид каде бензинскиот мотор само произведуваше струја не беше добро примена на пазарот и тој беше заменет со помалиот и чисто електричен Bolt. Успешно премостувајќи го времето до моментот кога електричните возила дојдоа во фокусот на купувачите, неговата нова верзија настапува доста самоуверено.

Таа воедно го означува и почетокот на реализацијата на плановите на General Motors до 2025 година да лансира 30 електрични модели, за кои е развиена посебна и технолошки напредна платформа. Новиот Bolt сепак не е поставен на неа туку ја задржа старата со електромотор од 200 коњски сили и батерии од 65 киловат-часа. Тие му овозможуваат автономија од преку 400 километри со едно полнење кое на куќна мрежа трае седум часа, додека на брз полнач за 30 минути ќе се повлече доволно струја за поминување 160 километри. Дизајнот му е еволуција на претходникот со модерни линии и истакнато заоблени површини. Новост е за 15 сантиметри продолжената верзија која се разликува по повисоко извлечениот заден дел. Продажбата и на двете изведби ќе започне летово, по цена од 32 илјади долари. General Motors засега се воздржа од објавување на плановите за неговата меѓународна кариера.