Преголемиот оптимизам во врка со електрификацијата започна дебело да го наплатува својот данок.
Практично не постои производител кој не ги корегираше своите планови ограничувајќи ги инвестициите во нови модели. Но колку навистина амбициите беа претерани покажува примерот на новоформираните компании. Тие пред неколку години се појавуваа како печурки после дожд за сега една по една да згаснуваат.
Таква судбина веројатно ќе го снајде и Canoo кој своевремено стана глобално познат по тоа што NASA ги избра неговите возила за превоз на астронаутите до вселенските летала. Отприлика во тоа време компанијата се пофали дека има нарачки за возила во вредност од две милијарди долари, како и дека меѓу нејзините клиенти се синџирот супермаркети Wallmart, американската пошта па дури и армијата.
Компанијата делуваше толку сериозно што Hyundai се договори со неа заеднички да развиваат платформи за електричните возила а Apple пак сакаше да ја купи. Постоеја и планови да се организира производство и во Европа. Но откако еден од нивните добавувачи ги тужеше за неплатени побарувања во висина од нешто под 600 илјади долари, во јавноста се појавија други бројки.
И тоа фрапантни, како што е дека компанијата располага со само 4 ипол милиони долари готови пари и дека лани испорачала само 22 возила од кои заработила помалку од еден милион долари. Се дозна и дека иако загубите нараснале на скоро 120 милиони долари во исто време на генералниот директор му се исплатени 1,7 милиони за летови со приватен авион.
Соочени со ситуацијата раководството започна со обемна трансформација и мерки за штедење кои први ги почувствуваа 23 отсто од вработените во производството кои добија отказ.