Кинескиот гигант за електрични возила ќе гради фабрика во Унгарија
Стигна и официјана потврда дека BYD ќе ја изгради својата прва европска фабрика за ЕВ и приклучни хибриди во Унгарија. Со ова, Унгарија станува голема сила во производство на автомобили бидејќи во неа веќе се произведуваат разни модели на Mercedes-Benz, Audi и Suzuki, а од 2025-та на листата ќе се придружи и BMW. Новата унгарска фабрика на Баварците ќе ги произведува електричните автомобили Neue Klasse.
Сите возила што ќе бидат произведени во идната фабрика на BYD ќе бидат наменети за европскиот пазар и ќе бидат отворени илјадници работни места. Јужниот град Сегедин е одбран како локација, а BYD веќе произведува електрични автобуси во унгарскиот град Комаром. Одлуката доаѓа по една година преговарање со неколку европски држави. На крај, Унгарија успеа да се договори со Кинезите, исфрлувајќи ги Германија и Франција од игра. BYD и унгарската влада не ја открија големината на инвестицијата и не дадоа временска рамка за завршување на проектот. BYD има за цел да освои 10 отсто пазарен удел во Европа до крајот на деценијата.
Компанијата продаде нешто повеќе од 13.000 автомобили во Европа во ноември, според пазарните истражувачи Dataforce. Atto 3 беше најпродаван со речиси 11.000 продадени единици. Кинескиот производител на автомобили сега има над 30 индустриски паркови и производствени бази на глобално ниво, со фабрики во САД, Бразил, Јапонија и Индија.