Празна школка без мотор и ентериер
Со најскапиот нов автомобил во историјата, Bugatti успеа да ги прелаже сите 600 илјади посетители на салонот на автомобилите во Женева
Објавено на 25 март 2019 година
Откако беше објавено дека La Voiture Noire чини неверојатни 16 ипол милиони евра, цел свет сакаше да дознае што е тоа што го прави толку вреден. Раководството на Bugatti молчеше, но на крај попушти пред притисоците и ја објави вистината. А таа е дека автомобилот што го видовме е само празна школка со привремен ентериер и мотор колку да може да се движи и дека ќе требаат уште цели две години за да биде довршен. Според Тим Браво, шефот на одделението за комуникации на Bugatti, проектот е започнат пред половина година кога купувачот се согласил со нивниот предлог. Кој е тој не е објавено, но наголемо се шпекулира дека овој автомобил ќе се всели во личната гаража на Фердинанд Пих. Токму на негова иницијатива во 1998 година Volkswagen групата ги откупи правата за производство на возила под ознаките на Bugatti. Тој веќе поседува седум вредни колекционерски примероци од оваа марка, меѓу кои и тркачки болид од Ле Манс серијата.