British Top 10

Занимливости насловна

Криза? – Како за кого!

Пазарот на престижни автомобили со високи перформанси продолжува да расте!

објавено 21. јуни 2021

Британската водечка финансиска куќа JBR Capital специјализирана за финансирање на скапи автомобили излезе со својот најнов извештај. За многумина несфатливо, но подемот на луксузните и спортските возила ги надмина сите очекувања на островот. Главна причина за тоа, како што заклучуваат од JBR Capital, е олеснувањата на рестрикциите во чии рамки британските домаќинства заштедиле 200 милијарди фунти во последните 12 месеци! Ова се должи, пред сè поради намалените патни трошоци и смалената потрошувачка на слободните активности кои акумулираа во приватните џебови околу 200 милијарди фунти. Од друга страна,  ова објаснување не „држи вода“ бидејќи луѓето колку и да заштедиле скапите автомобили се во свера на интерес на богатите, оние што одамна ги имаат решено егзистенционалните прашања. На ова се надоврзува податокот дека списокот на богати во последните две години се има проширено за 28%. Да не навлагаме во длабински анализи ќе се задржиме на најбараните 10 скапи автомобили во Британија. (по азбучен ред)

Aston Martin V8 Vantage

Автомобилот на Џејм Бонд го украде приматот на Vanquish V12, кој досега беше најпопуларниот Aston Martin кај клиентите на JBR Capital. V8 Vantage стана огромен хит.

Bentley Continental Coupe

Брз, луксузен и релаксирачки, Continental продолжува да биде врвниот Bentley кај лизинг муштериите, но сега изведбата W12 е под еднакво популарна како онаа со четири литарскиот V8 мотор.

Ferrari F458 Italia

Дo минатиот месец „растегнатото коњче“ најмногу продаде од моделот 488 GTB, но сега најжешкото Ferrari на пазарот е всушност неговиот претходник. Тој сочинуваше половина од сите модели од Маранело што беа финансирани во мај.

Lamborghini Huracan

Преземајќи го првото место од Avantador, Huracan сочинува над 50 проценти од сите финансирани „разбеснети бикови“, а луксузниот теренец Urus дури третина од барањата.

Land Rover Defender

Новиот Defender е во жижата на интрес кај клиентите на JBR Capital освојувајќи ги со комбинацијата на иконски стил, груба надворешност и одлични возни својства на сите подлоги.

McLaren 570S

Супер-автомобилот од Вокинг ги има сите соодветни состојки за оние што сакаат да бидат поинакви, па не му беше тешко да заземе дури 80% од моделите на McLaren финансирани минатиот месец. Останатите отпаѓаат на моделите 720S и 650S.

Mercedes AMG GT

Популарноста на дериватите потпишана од AMG, од C до G класа, е голема но во моментов хит е двоседот GT, супер автомобил ривал на иконскиот Porsche 911. Неговата тајна е комбинацијата на брутален би-турбо V8 и впечатлив изглед.

Porsche 911 (991)

Класиката помеѓу спортските машини апсолутно е обожувана на островот. Новата генерација 991 се граба како алва во сите изведби од Carrera, Carrera 4 до TurboS и GT3.

Range Rover Sport

Иако има негативни критики околу сервисните интервенции Range Rover Sport продолжува да ги плени патриотите. Неговата комбинација на простор, луксуз и сеопфатна способност се покажува популарна, со побарувачката поделена на сите модели од дизел до SVR.

Rolls-Royce Cullinan

Најконтроверзниот модел направени од луксузната марка со седиште во Гудвуд, побудува многу интерес од страна на купувачите.