Bentley Bentayga ја предаде титулата
Светот има нов SUV рекордер – Brabus тврди дека нивниот 900 Rocket Edition е побрз од сите други
објавено на 23 септември 2021
Најновата креација на Brabus, изведена од Mercedes-AMG GLE 63 S 4Matic+ Coupe и наречена 900 Rocket Edition, ја презеде титулата најбрз SUV во светот. За тоа германските тјунери својски се потрудија – го зголемија работниот волумен на твин-турбо V8 моторот на 4,4 литри од кои извлекоа, како што ознака му кажува, точно 900 коњски сили. Тие, заедно со максималните 1.250 Nm вртежен момент се пренесуваат на сите четири тркала преку 9-степен автоматски менувач забрзувајќи ја оваа SUV-ракета до стотка за 3,2 секунди и до рекордните 330 километри на час.
Како изгледа возењето со Brabus 900 Rocket Edition ќе дознаат 25 купувачи кои за него ќе се истргнат 380 илјади евра. За тие пари освен сирова сила ќе добијат и воздушно ослонување, карбон-керамички дискови, 24-инчни тркала, облагороден ентериер, агресивен екстериер и можност да се фалат пред пријателите дека го имаат најбрз SUV во светот.