Сезона на луксузот
Новиот X7 за почетна цена од 84 илјади евра ќе понуди седум седишта и најдобар луксуз
Објавено на 26 октомври 2018 година
Скоро четири години после првите најави, најголемиот баварски теренец го здогледа светлото на денот. BMW за него подготви навистина радикален дизајн во споредба со останатите модели од својата гама. Доминира големата предна решетка која робусно е вкомпонирана со тенките и издолжени ласерски светла. Масивноста на површините е разбиена со отворите за воздух во браникот. Силуетата не е многу атрактивна заради гломазноста на пропорциите – X7 е долг 5 метри и 16 сантиметри и висок метар и осумдесет. Задниот дел е американски потсмирен и на него се препознаваат некои стилски потези од серијата 7. Целокупно гледано, овој модел заедно со серијата 8 допишуваат нови ноти во баварската дизајнерска симфонија.
Во внатрешноста X7 е вистински одраз на сé што BMW може. Присутни се најдобрите и најквалитетни материјали, со луксуз на ниво скоро како кај Rolls Royce. На средината доминира голем 12-инчен екран за инфо-забавниот систем. Исто толкав е и дисплејот на дигиталната инструмент табла. Широчината од цели два метра остава доста простор за пополнување, кој изгледа како дизајнерите на BMW да не се потрудиле многу. По избор задната клупа може да биде заменета со две единечни седишта со функции за греење, ладење и масажа. На патниците на нив на располагање им се 10-инчни екрани, а на сите WiFi конекција и безжични полначи за телефони. За комфорот во возењето ќе се грижи воздушното ослонување, а за атмосферата четиризонскиот клима-уред. Зафатнината на багажникот изнесува импресивни 1.376 литри кога во употреба се само два реда седишта. Електрониката ќе се грижи за многу нешта, вклучувајќи го и паркирањето.
BMW X7 во Европа ќе се нуди со два дизела од 265 и 400 коњски сили и еден бензинец со 340 коњи. Сите мотори се шестцилиндрични, со три литри работна зафатнина. Американците пак ќе се насладуваат на 4,4 литарскиот V8 со 462 коњски сили. При крајот на идната 2019 година ќе биде понудена и хибридна верзија, за која се споменуваат 95 километри електрична автономија. Не е потврдено, но X7 сигурно ќе се појави и со V12 агрегатот од 6,6 литри развиен за Rolls Royce. BMW очекува годишно да продава по 45.000 примероци од X7, кој ќе се произведува во Јужна Каролина. Првите испораки се очекуваат напролет, а главни пазари се Кина, Русија и секако Соединетите Американски Држави.